Senada Ibraimova
27 Јануари 2017•Ажурирај: 28 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Денес во организација на Коалицијата на младински организации „Сега“ се одржа конференција на тема „Актуелни политики за младинско вработување на ЕУ и Република Македонија“, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на настанот е да се дискутира за подобрување на мерките за вработување на младите.
Коалицијата „Сега“ во изминатиот период спроведе процес на дискусии со младите на локално и на национално ниво во врска со актуелните мерки за вработување на младите.
„Потребно е да се направи нов пристап кон обезбедување поддршка на младите луѓе како специфична категорија“, рече Зоран Илиески извршниот директор на Коалицијата „Сега“ и додаде дека е неопходно да се изврши децентрализација од аспект на потребите на локалните самоуправи, односно како што рече тој, на локално ниво да се вклучи мислењето, барањето и потребите на бизнис секторот во согласност со потребите на пазарот на трудот.
Тој исто така пренесе дека една од препораките на младите е да се синхронизира образовниот систем со потребите на пазарот, со цел да не се продолжи со продуцирање на кадар што не е во согласност со потребите на работодавците.
Раководителката на секторот за вработување при Агенцијата за вработување на Република Македонија – Скопје (АВРМ – Скопје), Слободанка Алексовска, истакна дека преку мерките за вработување што ги презема владата 10 години наназад, досега се вработиле 160 илјади млади.
Алексовска нагласи дека пред сѐ е важно претприемништвото, односно младите да отвораат свои бизниси, а не како што рече, да чекаат некој да ги вработи, и дека од 2007 година преку мерката самовработување се отворени над 7 илјади и 200 бизниси, од коишто над 35 проценти се од млади лица.
„Во последната законска можност ’Македонија вработува 1 и 2’ најмногу учество имаат младите лица. Со ’Македонија вработува 1’ се вработени над 18 илјади и 900 лица, а со Македонија вработува 2 над 4 илјади и 200 лица, од кои над 2 илјади и 600 се млади лица“, изјави Алексовска.
Таа нагласи дека овие можности беа иницирани со законскиот проект за вработување на млади лица до 29 години, при што работодавачите беа ослободени од плаќање на социјалните придонеси и персоналниот данок на доход.
Во однос на следните мерки и проекти за вработување таа рече дека актуелен е проектот „Македонија вработува 2", а возраста од 29 е продолжена до 35 години за првата категорија на невработени, каде што спаѓаат младите. За оваа група на млади невработени лица, работодавачот ќе биде ослободен од плаќање придонеси во период од 3 години, а ќе има обврска да го задржи вработениот уште една година по истекот на овие 3 години.
Таа исто така додаде дека Агенцијата за вработување нуди и различни обуки и вештини за доквалификација на младите, од коишто во моментот е актуелна обуката за напредни ИТ вештини. На оваа обука можат да аплицираат лица до 29-годишна возраст, кои претходно имаат одредени информатички познавања. Оние што ќе ја завршат оваа обука ќе добијат Мајкрософт диплома.
Според Алексовска, ваквите и слични обуки ќе им помогнат на младите да се доквалификуваат, со што полесно би дошле до работно место.