Övünç Kutlu
02 Февруари 2017•Ажурирај: 03 Февруари 2017
ЊУЈОРК (АА) – Денес, независната консултантска куќа „Бренд фајнанс“ во својот извештај Глобал 500 соопшти дека „Гугл“ е највредниот бренд во светот, кој ја прекина доминацијата на „Епл“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во овогодишниот извештај Глобал 500, вредноста на „Гугл“ е проценета на 109,5 милијарди долари, што е пораст за 24 отсто од проценетата минатогодишна вредност од 88,2 милијарди долари.
Компанијата им овозможува на најголемите светски брендови да допрат до своите клиенти и да изградат свој капитал од брендот (преку пребарување и рекламирање)“, се вели во извештајот.
„Гугл во голема мера останува без конкурент во својата основна дејност на пребарување, што е основа на неговиот приход остварен од рекламирање“, се додава во извештајот.
Компанијата „Епл“ падна на второто место, губејќи ја својата позиција на највреден бренд, односно нејзината вредност е намалена за 27 проценти, од 145,9 милијарди долари на 107,1 милијарди долари во извештајот за 2016 година. Титулата највреден бренд во светот ја држеше од 2011 година.
„Едноставно кажано, ‘Епл’ ја искористи добрата волја на своите клиенти, не успеа да генерира значителен приход од поновите производи како што е часовникот Епл (Apple Watch), и не може да се каже дека донела на пазарот вистински иновативни технологии посакувани од страна на корисниците“, се додава во извештајот.
Во извештајот, исто така се истакнува дека брендот „Епл“ го загубил својот сјај и сега мора да се натпреварува со произведувачите на кинески паметни телефони како „Хуавеи“ и „УанПлус“, како и со традиционалниот јужнокорејски ривал „Самсунг“.
Амазон го задржа третото место на листата со 106,4 милијарди американски долари, и покрај зголемувањето на вредноста на својот бренд од 53 отсто во однос на минатата година.
„Амазон најави дека ќе создаде 100.000 работни места во САД во текот на следните 18 месеци. Таквата доверба укажува на тоа дека ‘Амазон’ и може да се види како нов бренд на врвот на извештајот Глобал 500 на ‘Бренд Фајнанс’ во 2018 година“, се вели во извештајот.
Вредноста на брендот се пресметува со давање оцени на компанијата од 0 до 100, врз основа на емотивната поврзаност на клиентите кон компанијата, финансиското работење, одржливоста како и земањето предвид на тековните и на идните приходи на компанијата, како и други важни фактори на работење.