Özcan Yıldırım
14 Мај 2026•Ажурирај: 14 Мај 2026
Турција и Казахстан денес потпишаа 13 договори од областа на инвестициите, енергетиката, одбраната, образованието, медиумите и инфраструктурата за време на посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Астана, јавува Анадолу.
Ердоган и неговиот казахстански колега Касим-Жомарт Токаев го следеа потпишувањето на 13 договори меѓу Турција и Казахстан по билатералните разговори и шестиот состанок на Советот за стратегиска соработка на високо ниво меѓу Турција и Казахстан во Палатата на независноста во Астана.
Меѓу потпишаните договори беше и „Декларацијата за вечно пријателство и партнерство меѓу Република Турција и Република Казахстан“, потпишана директно од Ердоган и Токаев.
Двете земји потпишаа и договор за меѓусебна промоција и заштита на инвестициите, како и договор со кој се регулираат основањето, работењето и активностите на културните центри меѓу турската и казахстанската Влада.
Беше потпишан и протокол за дополнување на договорот за правна помош за граѓански прашања меѓу Турција и Казахстан.
- Други договори -
Дополнителни договори се склучени за заедничка програма за стипендии помеѓу Министерството за култура и туризам на Турција и Министерството за наука и високо образование на Казахстан и меморандум помеѓу Министерството за образование на Казахстан и Министерството за национално образование на Турција за отворање две училишта на турската фондација „Маариф“ во Казахстан.
Владата на Казахстан и „ТАВ Холдинг“ потпишаа договор за инвестирање во врска со меѓународниот аеродром „Алмати“, додека „Самрук-Казина“ и турската компанија „ЈДА Иншаат“ потпишаа договор за соработка за финансирање проекти за изградба на болници.
Меморандум за разбирање во радио и телевизиското емитување беше потпишан помеѓу ТВ и радиокомплексот на претседателот на Казахстан и турскиот јавен сервис ТРТ.
„КазМунајГас“ и Турската нафтена корпорација (ТПАО) потпишаа два одделни договора - договор за соработка за услуги во врска со нафтените полиња и меморандум за заеднички развој на проекти за нафта и гас.
Меѓународниот финансиски центар „Астана“ и финансискиот центар „Истанбул“, исто така, потпишаа меморандум за разбирање.
Во одбранбениот сектор двете страни потпишаа договор за заеднички потфат за производство и одржување на беспилотните летала „АНКА“.