Melike Pala
09 Септември 2026•Ажурирано: 09 Септември 2026
Белгискиот министер за вработување и економија, Давид Кларинвал, денес повика на „храбри одлуки“ за намалување на јавните трошоци, предупредувајќи дека Белгија може да се соочи со криза слична на грчката доколку не преземе мерки за контрола на своите финансии, пренесува Анадолу.
Говорејќи за радио РТЛ, Кларинвал изјави дека Владата до 2029 година мора да обезбеди заштеди од околу 10 милијарди евра да ги исполни европските буџетски цели.
„Навистина треба да донесеме некои храбри одлуки сега. Бидејќи во спротивно, ризикуваме да се најдеме во ситуација како Грција“, рече Кларинвал.
Тој потсети на должничката криза во Грција, кога земјата беше принудена да побара помош од меѓународните институции откако го изгуби пристапот до финансиските пазари поради зголемените трошоци за задолжување и загриженоста за нејзините јавни финансии.
Кларинвал рече дека Белгија мора да дејствува пред да стигне до таква точка.
„Не го велам ова за да ги исплашам луѓето, но мора да бидеме внимателни. ММФ го насочува нашето внимание кон фактот дека мора да ги преземеме потребните чекори“, рече тој.
Премиерот Барт де Вевер одржува билатерални средби со членовите на неговата коалициска влада, додека напорите за финализирање на мерките за решавање на буџетскиот јаз продолжуваат.
Кларинвал посочи дека мерките што ги презела Грција за време на нејзината должничка криза биле сериозни, со големи намалувања на јавните трошоци, платите и пензиите.
„Тие драстично ги намалија трошоците, ги намалија платите, ги намалија пензиите - ултрарадикални мерки - а ние не го сакаме тоа“, рече тој.