Aysu Biçer
09 Јуни 2026•Ажурирано: 09 Јуни 2026
Високите цени на енергенсите би можеле да го забават растот на работните места во Холандија доколку продолжат тензиите на Блискиот Исток, покажуваат проценките на холандската Агенција за осигурување при невработеност (УВВ), објави денес холандскиот јавен сервис НОС, пренесува Анадолу.
Агенцијата ги разгледа проекциите на пазарот на трудот до 2028 година низ две сценарија: едно во кое цените на енергенсите брзо паѓаат и друго во кое тие остануваат високи. Во помалку поволното сценарио, во рок од три години би имало за 75.000 помалку работни места во споредба со пооптимистичките прогнози.
„Сѐ уште ќе има раст, но многу помалку од минатите години”, соопшти УВВ.
Според Роб Витјес, раководител на Секторот за информации и совети за пазарот на трудот при УВВ, компаниите стануваат сè попретпазливи во ек на глобалната неизвесност. Најсилно влијание би почувствувале индустријата, транспортот и логистиката, а би биле погодени и агенциите за привремено вработување.
„Многу луѓе кои почнуваат да работат преку агенција за привремени вработувања, се ангажирани токму во сектори како што се транспортот и индустријата“, изјави Витјес.
Се очекува повисоките трошоци за енергенсите негативно да се одразат врз куповната моќ, што ќе влијае директно врз секторите како што е угостителството.
Здравството, ИКТ-секторот и специјализираните бизнис-услуги се очекува да продолжат со растот. Доколку цените на енергенсите повторно паднат, растот на работните места би требало да се стабилизира.
„Сето ова е привремено“, изјави Витјес. „Претпоставуваме дека сè ќе се врати во нормала во 2028 година, барем доколку војната дотогаш заврши“.
„Преговорите меѓу САД и Иран и понатаму се во тек“, изјави претседателот Доналд Трамп рано утрово, само неколку часа откако Иран и Израел се договорија за прекин на меѓусебните напади што се закануваа да го нарушат и онака нестабилниот прекин на огнот.
Трамп изјави дека разговорите со Техеран не прекинале за време на ескалацијата на насилството, најавувајќи дека договорот за официјален крај на војната би можел да биде постигнат во рок од „еден или два дена отсега, но мислам дека работите се одвиваат добро“.