Senada Ibraimova
11 Ноември 2016•Ажурирај: 12 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Денес во Т.Ц. Рамстор, во Скопје се отвори саемот „Вкусот на Македонија“, на кој 22 мали и средни бизниси од руралните подрачја ќе ги продаваат своите производи во следните три дена, јавува Anadolu Agency (AA).
Саемот го организираат шест локални акциски групи од рурална Македонија, во партнерство со Рамстор, а е поддржан од проектот на УСАИД за експанзија на мали и средни бизниси, заедно со партнери од швајцарската Влада, преку агенцијата за развој на Швајцарија.
На овој саем, скопјани ќе имаат можност да ги вкусат или да ги купат производите направени во руралните подрачја на Македонија, кои не се редовно достапни во главниот град. На штандовите се изложени традиционална и органска храна, зачини, чаеви, пијалаци, природна козметика и облека.
Едвард Гонзалес, директор на развојната канцеларија на УСАИД во Македонија, во своето обраќање до медиумите рече дека овој тридневен саем е резултат на соработката на УСАИД со повеќе бизнис партнери од целата држава и оти веруваат дека настаните како овој ќе придонесат за руралниот развој во Македонија.
„УСАИД има цврста заложба да ги поддржува малите бизниси во Македонија. Знаеме дека малите бизниси во Македонија имаат многу предизвици, но веруваме дека само со постојана поддршка може да се обезбеди нивниот раст и развој“, истакна Гонзалес.
Заменик-амбасадорот од швајцарската амбасада во Скопје, Стефан Томагиан, во својата изјава нагласи дека луѓето од руралните поддрачја ги немаат секогаш истите можности како луѓето од неруралните места, како што е Скопје. Тој рече дека Швајцарија силно верува во поддршката на идеите на овие луѓе, коишто произлегуваат од самите нив, и оти токму затоа го поддржуваат формирањето на 11 локални акциски групи низ цела рурална Македонија, за како што рече, да се идентификуваат идеите за развојни можности.
„Овој саем е токму таков пример за идеја развиена од локалната заедница, од руралните подрачја, каде што оригиналните и квалитетни производи направени во руралните подрачја сега се достапни за луѓето во Скопје“, рече Гонзалес.
Локалните акциони групи се здруженија на граѓани сочинети од претставници на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор од 2-4 рурални општини. Здруженијата се формирани како дел од воведувањето на пристапот ЕУ ЛИДЕР за локален економски развој во руралните средини.
Целта на саемот е да ги претстави производите од овие рурални средини пред поголема публика, така што ќе придонесе за проширување на малите бизниси преку зголемување на побарувачката за нивните производи. Саемот ќе трае од 11 – 13 ноември.