Şeyma Erkul Dayanç
20 Мај 2026•Ажурирај: 20 Мај 2026
Европскиот совет и Европскиот Парламент денес постигнаа привремен договор за две регулативи за имплементација на елементите поврзани со царината од трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, кој беше постогнат минатата година, јавува Анадолу.
„Европската Унија и Соединетите Американски Држави ги поврзуваат најголемите и економски најтесно поврзаните односи“, се наведува во официјалното соопштение на Михаел Дамијанос, министер за енергетика, трговија и индустрија на кипарско-грчката администрација.
Тој додаде дека договорот обезбедува „сигурни заштитни механизми за да може да се заштитат европските интереси, компании и работници“.
Според договорот постигнат минатиот јули во Шкотска, ЕУ се согласи да ги укине увозните трошоци за американските индустриски стоки и да овозможи повластен пристап за американските земјоделски и морски производи. За возврат, САД би вовеле царини од 15 отсто за повеќето стоки од ЕУ.
Трамп најави воведување на значително повисоки царински стапки за производите со потекло од ЕУ, вклучително и за автомобилскиот сектор, доколку Брисел не ги реализира преземените обврски од трговскиот договор до 4 јули. И претходно тој се закани дека ќе ги зголеми царините за увоз на европски автомобили на 25 проценти.
Со првата регулатива се укинуваат другите царински трошоци за американските индустриски стоки и се одобрува преференцијален пристап, кој вклучува тарифни квоти и намалени царини за одредени морски плодови и несензитивни земјоделски производи.
Со втората регулатива се продолжува сузбивањето на царинските трошоци за увоз на јастог, вклучително и преработените производи.
Договорот вклучува заштитен механизам што ѝ овозможува на ЕУ да дејствува во случај на значителен пораст на увозот од САД, кој би можел да им нанесе штета на домашните производители.
Со договорот, исто така, се зајакнуваат одредбите што ѝ овозможуваат на Комисијата да ја суспендира регулативата доколку САД не ги исполнат обврските од заедничкиот договор или ги нарушат трговските односи, вклучително и преку дискриминаторски мерки против компаниите од ЕУ.
Вклучена е и клаузула за завршување на договорот, што значи дека важноста на регулативата ќе истече на крајот на 2029 година, освен ако не биде продолжена.
Во договорот, исто така, се предвидува редовен мониторинг на неговото економско влијание, при што Комисијата е должна да известува за трговските движења и да ги проценува ефектите од мерките, вклучително и врз малите и средните претпријатија.
„Договорот е договор, а ЕУ ги почитува своите обврски“, наведе претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на американската платформа за социјални медиуми Х.
Таа додаде дека договорот ќе ѝ овозможи на ЕУ да го исполни својот дел од заедничкиот договор и ги повика законодавните тела „да дејствуваат брзо и да го финализираат процесот“.
„Заедно можеме да обезбедиме стабилна, предвидлива, балансирана и заемно корисна трансатлантска трговија“, истакна таа.
Откако ќе бидат финализирани, регулативите треба и формално да бидат усвоени од двете институции, пред да стапат на сила по нивното објавување во Службениот весник.