Ekipa
02 Март 2022•Ажурирај: 03 Март 2022
БРИСЕЛ (АА) ‒ Европската Унија (ЕУ) денеска официјално ги усвои санкциите против Русија, вклучително и исклучувањето на седум руски банки од меѓународниот систем за трансфер на пари СВИФТ и забрана за државните радиодифузери „Русија денес“ и „Спутник“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Советот на Европската Унија соопшти дека ЕУ одлучила да „забрани обезбедување специјализирани услуги за финансиски пораки“, кои се користат за размена на финансиски податоци (SWIFT) на седум руски банки.
Санкциите ги вклучуваат Банката „Откритие“, „Новикомбанк“, „Промсвјазбанк“, Банката „Русија“, „Совкомбанк“, ВНЕШЕКОНОМБАНК (ВЕБ) и ВТБ БАНК.
„Ова се случи како последица на неиспровоцираната и неоправдана воена агресија на Руската Федерација против Украина“, се вели во соопштението.
Одлуката, исто така, им забрани на операторите од ЕУ да инвестираат или да соработуваат со рускиот Фонд за директни инвестиции, како и да продаваат или пренесуваат банкноти во евра во Русија.
Со посебна одлука, ЕУ го суспендира емитувањето на „Спутник“ и „Раша тудеј“, вклучувајќи ги и англиските, германските, француските и шпанските канали на „Раша тудеј“.
„Систематска манипулација со информации и дезинформации од страна на Кремљ се применува како оперативна алатка во неговиот напад врз Украина“, искоментира шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, во врска со оваа одлука.
Тој рече дека одлуката е уште еден важен чекор против операцијата за манипулација од страна на Путин.
Од почетокот на руската војна против Украина на 24 февруари, таа беше пречекана со бес од меѓународната заедница, при што ЕУ, Велика Британија и САД спроведоа низа економски санкции кон Русија.
ЕУ минатата недела усвои три пакети санкции против Русија, насочени, меѓу другото, на претседателот Владимир Путин, министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, рускиот банкарски сектор и клучните државни компании.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски во неделата официјално го потпиша барањето за пристапување на Украина во ЕУ.