Husamedin Gina
23 Мај 2019•Ажурирај: 24 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) – Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), денеска во Скопје го организираше традиционалниот Деловен појадок со претседателот на Владата, јавува Anadolu Agency (AA).
На свечениот настан, во присуство на деловната заедница, ресорните министри, дипломатскиот кор, официјални обраќања имаа премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев и заменик-премиерот одговорен за економски прашања во Владата на Република Северна Македонија, Кочо Анѓушев.
На деловниот појадок, претставниците на бизнис-секторот со министрите од Владата дискутираа за најзначајните економски прашања во функција на подобрување на секојдневното работење на компаниите и деловната клима во земјата.
Во своето обраќање премиерот Зоран Заев, потсетувајќи дека оваа година ќе биде година на економијата, истакна дека одлични економски резултати може да се постигнат преку јакнењето на приватниот сектор.
„Како една од мерките за подобрување на економијата е и враќањето на ДДВ на граѓаните“, рече Заев, и нагласи:
„Од 1 јули стартуваме со враќање на данокот на додадена вредност. Тоа значи дека инспектор во државата ќе биде буквално секој граѓанин којшто наполнил 18 години“, рече Заев, и додаде дека најголемата придобивка од оваа мерка ќе биде отстранување на сивата економија.
Премиерот нагласи дека периодот што доаѓа, со зачленувањето во НАТО, е сериозно препознаен од огромни странски компании и дека тие инвестиции ќе дадат индиректен и директен придонес на домашното стопанство.
Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, во своето обраќање истакна дека како Влада се обиделе да не се мешаат премногу во реалниот сектор и дека тоа е квалитет кој треба да ги краси сите влади во иднина.
Анѓушев, истакнувајќи дека не се точни критиките дека во земјата не се градат фабрики, рече:
„Факт и вистина е дека се градат 19 фабрики во овој момент. Сите тие договори за 19 фабрики се потпишани во оваа година и пол“, нагласи тој, додавајќи дека чешката компанија ќе гради фабрика во Гази Баба, за железнички возила со вредност од 20 милиони евра.
На појадокот, исто така, беше нагласено дека за подобрување на деловната клима во Северна Македонија, Сојузот на стопански комори на Македонија подготвил пакет од над 80 економски мерки од областа за измена на законската регулатива за административните бариери, дигитализацијата, надворешната и внатрешната трговија, индустријата и градежништвото.