Husamedin Gina
09 Декември 2020•Ажурирај: 10 Декември 2020
СКОПЈЕ
Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) денеска преку хибридна презентација го претстави јубилејното 10-то издание на каталогот „ТОП 100“ најуспешни компании, јавува Агенција Анадолија (АА).
На презентацијата се обратија премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, министерот за финансии, Фатмир Бесими, и претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби„ Хоџа.
Охрабрувајќи ги компаниите да продолжат со плановите за инвестициски циклуси и за вложување во човечкиот капитал, премиерот Заев рече дека со надлежните институции заеднички може да се надминат предизвиците од глобалната економија.
„Приватниот сектор има важна улога во создавањето на работните места и приходите за граѓаните. Дополнително, и преку постојаните иновации што носат нови производи и услуги на пазарот, а со тоа и додадена вредност. Владата постепено работи на создавање амбиент за развој на приватниот сектор“, нагласи премиерот Зоран Заев.
За време на „ТОП 100“ настанот, Стопанската комора на северозападна Македонија додели награди на ТОП 5 компании, кои имаат посебно достигнување во своето работење и се издвојуваат како водечки компании во 2019 година.
„Изборот на најуспешните компании е признание за нивната успешна работа, мотив за понатамошно остварување, но исто така и признание на нивната општествена улога“, нагласи премиерот Заев, додавајќи дека оваа манифестација е силен поттик за претпријатијата кои оствариле најдобри резултати во претходната година.
Премиерот, потсетувајќи дека се донесени четири пакети антикризни мерки во вкупна вредност од над 1,2 милијарди евра, рече дека паралелно се работи и на економско планирање за подобрување на состојбите на среден и долг рок.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, на стопанствениците им порача дека не се сами во овие услови на економска криза каква што досега не се памети.
„Кога зборуваме за ситуацијата во која се наоѓаме и сериозноста на оваа криза, не говориме само за бројки или економски статистики, туку зборуваме за сериозни загуби во економијата и нашето општество“, рече министерот Бесими.
Бесими, наведувајќи дека бруто-инвестициите и јавната потрошувачка по остриот пад во второто тримесечје, забележуваат раст, рече дека антикризните мерки што се преземаат даваат резултати.
Според претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа, оваа година завршува со големи нејаснотии од аспект на Ковид-19 и неизвесно е што ќе следува.
„Годината нè соочи со предизвик кој современата цивилизација досега не го познаваше. Пандемијата не поштеди никого. Но, лидерските способности најдобро се докажуваат во кризни времиња. Станавме критичен глас на бизнисот за да се дефинираат барањата на компаниите, како и канал за комуникација меѓу нашето членство и Владата“, рече Хоџа.
Хоџа, исто така, потсети дека СКСЗМ оваа, 2020 година, одбележува 15 години од основањето и 10 години од манифестацијата „ТОП 100“.
Пред почетокот на манифестацијата, присутните со едноминутно молчење му оддадоа почит на неодамна починатиот бизнисмен Енвер Малиќи.
На манифестацијата, исто така, присуствуваа и претседателот на Собранието, Талат Џафери, првиот вицепремиер, Артан Груби, министрите за финансии и за економија, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши, претседателот на Трговската комора од Тирана, претседателот на Стопанската комора од Косово, претседателките на МАСИТ и на ССК, претставници од дипломатскиот кор и бизнисмени.