Gözde Bayar
06 Август 2019•Ажурирај: 07 Август 2019
ПЕКИНГ (АА) - Кинеското Министерство за трговија вчера соопшти дека компаниите во земјата го запреле купувањето на американските земјоделски производи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Одлуката на кинеските власти е одговор на најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека од 1 септември ќе воведе нови царински тарифи на кинеската стока.
Трамп најави воведување нови царини од 10 отсто на околу 300 милијарди долари вредна кинеска стока, завршувајќи го така примирјето во кинеско-американската трговска војна.
Американскиот претседател на Твитер појасни дека оваа одлука не вклучува 250 милијарди долари вредна стока која веќе се царини со 25 отсто.
„Ова е нагло кршење на договорот од состаноците меѓу претседателот на Кина и САД“, се наведува во соопштението на кинеското Министерство.
Се додава дека Кина нема да го исклучи воведувањето царини на увоз на земјоделски производи од САД кои се купени по 3 август.
САД и Кина водат трговска војна од минатата година. Напнатоста се одрази на глобалните ланци на снабдување и ги потресе финансиските пазари.