Husamedin Gina
01 Јули 2019•Ажурирај: 02 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) – Граѓаните на Република Северна Македонија за првпат имаат можност да побараат поврат на 15 проценти од платениот данок на додадена вредност (ДДВ), откако денеска официјално стартуваше примената на владиниот проект „Мој ДДВ“, јавува Anadolu Agency (AA).
Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, денес одржа прес-конференција на која беа презентирани техничките можности преку кои ќе се врши повратот на ДДВ.
Според директорката, можноста за поврат на 15 отсто од ДДВ ќе биде достапна за сите граѓани со наполнети 15 години, кои се регистрирани на системот на Управата за јавни приходи.
Тие ќе треба, како што посочи директорката Лукаревска, да ги земат фискалните сметки на продажните места и да ги скенираат преку мобилен телефон и да ги испратат на апликацијата што ќе биде достапна на страницата на УЈП.
„Согласно со законските одредби на Законот што се однесува на овој проект, едно физичко лице во текот на годината може да си врати 7.200 денари. Четиричлено семејство, кое сите ги исполнуваат условите во Законот, ќе може да си оствари една просечна плата од 28.800 денари“, нагласи директорката Сања Лукаревска, додавајќи дека УЈП е целосно подготвена за поддршка на повозрасните лица и граѓаните од социјално ранливите категории.
Директорката Лукаревска, исто така, нагласи дека фискалните сметки со износ над 30 илјади денари, како и невалидните фискални сметки односно компјутерските сметки, апликацијата „Мој ДДВ“ нема да ги прифати, ниту преку скенирањето од мобилен телефон, ниту преку киоск-апарати или баркод-читач.
„Законот за враќање на дел од ДДВ и начинот на којшто ќе се реализира е прв од ваков вид во регионот и е уште една ефикасна мерка за намалување на сивата економија и можност граѓаните и Управата да станат партнери во борбата против неформалната економија. И граѓаните и државата имаат корист од оваа мерка“, нагласи Лукаревска.
„Првата исплата ќе биде реализирана во декември 2019 година директно на сметките на граѓаните“, рече Лукаревска.
Како што истакна директорката, апликацијата „Мој ДДВ“ е достапна за преземање на веб-страницата на Управата за јавни приходи. Корисниците на „епл“ телефони во моментот не ќе можат да ја користат, но таа ќе биде достапна за преземање за краток период.