Senada Ibraimova
21 Февруари 2017•Ажурирај: 22 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Денес, по повод Светскиот ден на туристичките водичи, Асоцијацијата на туристички водичи на Р. Македонија промовираше веб дигитален регистар на активни и квалификувани туристички водичи во државата, изработен со поддршка на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ (Increasing Market Employability), јавува Anadolu Agency (AA).
Веб-регистарот може да го користат туристичките оператори и туристите за спроведување на организирани тури со активни водичи. Во овој регистар се вклучени сите видови туристички водичи, а содржи информации за квалификацијата на туристичкиот водич и неговата сертификација, јазиците што ги говори, типот на тури што ги води, регионот во кој работи, како и контакт-информации.
Елена Иванова, менаџерка на секторот за туризам во Програмата за зголемување на пазарната вработливост, смета дека една од најранливите алки во туризмот се токму туристичките водичи. Таа пренесе дека дигиталниот регистар ги обединува сите туристички водичи и планинарските водичи.
„Овој регистар има за цел вмрежување на туристичките агенции со водичите и меѓу туристичките водичи. Но, од друга страна, има уште една повисока цел, а тоа е да го подигнеме достоинството на професијата. Туристичките водичи навистина имаат проблеми во себепретставувањето, во застанувањето зад својата професија и во нејзиното презентирање во целата индустрија“, рече Иванова.
Иванова пренесе дека во регистарот веќе има регистрирано околу 350 водичи, но како што рече таа, познато е дека во Македонија има околу 790 туристички водичи кои се регистрирани во Асоцијацијата на туристички водичи и дополнително околу стотина планинарски водичи. Според неа, важно е регистарот да се надополнува со останатите нерегистрирани водичи.
Претседателот на Асоцијација на туристички водичи во Македонија, Бранко Босилков пак смета дека оваа заедничка платформа на асоцијацијата и на швајцарската програма „ИМЕ“, ќе овозможи поефикасно работење во оваа дејност.
Во однос на тоа какви информации им се пласираат на туристите од страна на водичите, Босилков истакна: „Се востановија инспекциски служби во Охрид и во Скопје, во план е и за Битола, кои најпрво ќе ја контролираат сивата и нелегалната конкуренција, значи водичите без лиценци. Втора фаза, Асоцијацијата на туристички водичи е предлагач на измени и дополненија на Законот за туризам, каде што се регулираат условите под коишто туристичките водичи ја вршат својата работа и како таа лиценца ќе се продолжува, преку механизми за проверка на знаењето и што впрочем се кажува пред самите туристи“.
Во врска со покриеноста со јазици од страна на македонските водичи, Босилков рече дека речиси сите европски јазици се покриени, додека пак дефицит има од водичи што зборуваат кинески и јапонски јазик. Тој додаде дека асоцијацијата изготвила проект преку којшто ќе биде овозможена обука на водичи за дефицитарните јазици, но, како што пренесе, не е познато кога ќе започне неговото спроведување.
Регистарот во кој досега има регистрирано околу 350 водичи, во иднина би требало да прерасне во интернет-платформа преку којашто водичите ќе имаат можност за меѓусебна комуникација и за размена на искуства и информации од теренот.