Ata Ufuk Şeker
16 Јули 2020•Ажурирај: 17 Јули 2020
БРИСЕЛ
Вкупната продажба на пазарот на автомобили во Европската Унија (ЕУ), која како и остатокот од светот ги почувствува последиците од мерките воведени поради борбата против ширењето на коронавирусот, во јуни оваа година падна за 22,3% во однос на истиот период во 2019 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците на Европското здружение на произведувачи на автомобили (ACEA), во јуни оваа година во земјите на ЕУ продадени се вкупно 949.722 нови автомобили.
Најголем пад на продажбата на автомобили во јуни е забележан во Португалија, 56,2%, по која следуваат Хрватска со пад од 49,4%, Литванија со 40,8% и Грција со 37,2%.
Вкупната продажба на автомобили во ЕУ во периодот јануари - јуни 2020 година падна за 38,1% во однос на истиот период минатата година.
Од 27 земји членки на ЕУ, најголем број на нови автомобили во јуни е продаден во Франција, вкупно 233.814. Следува Германија со 220.272, Италија со 132.457 и Шпанија со 82.651.
Според најновите податоци на произведувачите, најмногу автомобили во ЕУ во јуни продала групацијата „Волксваген“ (Volkswagen), вкупно 229.973, по која следуваат групацијата ПСА (PSA) со 148.546 и „Рено“ (Renault) со 147.488 продадени возила.