Emre Gürkan Abay
13 Јануари 2017•Ажурирај: 14 Јануари 2017
МОСКВА (АА) - Русија ја избегна зависноста од еден сектор, синдром во економијата познат како „холандска болест“, изјави министерот за финансии на Руската Федерација, Антон Силуанов, јавува Anadolu Agency (АА).
Силуанов се обрати на форумот „Гајдар“ во Москва. Тој потсети дека претходните економски кризи во Русија настанувале поради зависноста од еден сектор, појава што во економијата е позната како „холандска болест“.
„Поради зависноста од цените на нафтата, Русија претходно страдаше од холандската болест. Лек за оваа болест е одредувањето јасни принципи во буџетската политика“, изјави Силуанов.
Тој потсети дека Русија од 2014 година, до денес значително ја намалила зависноста за извоз на енергенси.
„Извозот на енергенси во 2014 година чинеше 9,6 отсто бруто домашно производство. Во изминатата година, овој процент се намали за 5,8 отсто“, истакна Силуанов.
Истакнувајќи дека Русија поминала низ кризни моменти, Силуанов нагласи дека тоа не е постигнато со зголемување на данокот, туку со мерките за штедење.
Економскиот советник на рускиот претседател Владимир Путин и претседател на рускиот Центар за стратешки истражувања, Алексеј Кудрин, исто така се обрати на форумот. Тој нагласи дека запоставеноста на технолошкиот развој создава многу поголеми ризици отколку другите фактори на неразвиеност.
„Заостанатоста во технолошка смисла е поопасна и донесува поголеми ризици отколку заостанатоста во воениот и во геополитичкиот развој. Во наредните 10-15 години ќе се соочиме со овој проблем. Технолошката заостанатост нанесува штета на нашиот економски потенцијал и го намалува животниот стандард на нашиот народ“, нагласи Кудрин на форумот „Гајдар“ во Москва.