Besar Ademi
30 Ноември 2016•Ажурирај: 01 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), како дел од регионалната иницијатива на Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европскиот инвестициски фонд, на денешната прес-конференција информираше дека македонските компании ќе имаат можност да користат нови финансиски инструменти за иновативни проекти од ЕИБ, јавува Anadolu Agency (AA).
Извршниот директор на Сојузот на стопански комори на Македонија, Митко Алексов, соопшти дека овие проекти се наменети за земјите од Западен Балкан со цел поддршка на малите и средните претпријатија преку финансирање и советодавни услуги од страна на ЕИБ.
„Финансирањето на малите и средните претпријатија, или обезбедувањето на потребните гаранции од Европската инвестициска банка ќе бидат спроведени преку финансиските институции, односно банките. Значи, во иднина банките треба да планираат и да се концентрираат на иновативни компании и иновативни проекти. Доколку постојат дилеми дали одредена компанија е мала или голема, тогаш може и директно да се обратат до Европската инвестициска банка и да се направи евалуација“, рече Алексов.
Извршниот директор на ССК, Алексов, информираше и дека од страна на ЕИБ, директното финансирање ќе се однесува само за поголеми проекти кои се со вредност меѓу 15-20 милиони евра.
ЕИБ е веќе присутна со свои активности во Република Македонија, со кредитна линија што се спроведува преку Македонската банка за поддршка на развој, и досега се ефектуирани четири транши со вкупна вредност од 350 милиони евра. Оваа линија беше на барање на компании кои се членови на Сојузот на стопански комори и почна да се спроведува од 2009 година, како дел од антикризните мерки во Македонија.