Ivana Ramadanova
09 Јуни 2017•Ажурирај: 10 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за финансии денеска во Скопје го организира првиот состанок за Програмата за економски реформи, јавува Anadolu Agency (AA).
На состанокот свое обраќање имаше министерот за финансии, Драган Тевдовски, кој истакна дека ресорното Министерство го отвора процесот за изработка на Програма за економски реформи, за периодот од 2018 до 2020 година.
„Овој документ ќе претставува основа за клучните реформски процеси на Владата кои дополнително ќе го интензивираат нашиот дијалог со ЕУ“, изјави министерот за финансии, Драган Тевдовски, на првиот состанок на којшто учествуваа и претставници од Директоратот за соседска политика и преговори за проширување на Европската комисија и од ОБСЕ.
Тевдовски додаде дека Програмата за економски реформи е документ што е замислен да претставува заеднички резултат на сите важни чинители во општеството.
„Во соработка со Владата и со надлежните министерства и институции, посветено ќе работиме на интегративните процеси во Македонија, ставајќи посебен акцент на имплементирање на заклучоците од економско-финансискиот дијалог меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан и Турција, каде што фокусот е на управувањето со јавните финансии, зајакнување на активните мерки за вработување, со посебен акцент на младите, долгорочно невработените и лицата со ниски вештини“, изјави Тевдовски.
На состанокот учествуваа и претставникот на Директоратот за соседска политика и преговори за проширување на Европската комисија, Вилем Ное, како и раководителот на Одделот за Југоисточна Европа во ОЕЦД, Маржена Кисиелевска.