Tuba Şahin
16 Април 2021•Ажурирај: 18 Април 2021
АНКАРА (АА) - Турската централна банка ќе забрани употреба на криптосредствата при плаќања бидејќи тие повлекуваат значителни ризици за страните вклучени во трансакциите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Институциите за плаќање и за електронски пари нема да можат да посредуваат во платформите кои нудат услуги на тргување, чување, трансфер или услуги за издавање на криптосредства, покрај посредувањето за трансфер на средства“, објави Службениот весник рано утринава.
„Регулативата ќе стапи на сила од 30 април“, се вели во весникот.
Одделно, банката предупреди на ризиците од употребата на криптосредствата бидејќи тие не подлежат на никакви регулативи или механизми за надзор или централно регулаторно тело, подложни се на претерана непостојаност и на можно користење во нелегални активности поради нивните анонимни структури.
Банката додаде дека паричниците (wallets) можат да бидат украдени или незаконски користени без одобрение на нивните сопственици, а трансакциите се неотповикливи.
„Нивното користење при плаќање може да предизвика неповратни загуби за страните вклучени во трансакциите поради погоре наведените фактори, и тие вклучуваат елементи кои можат да ја поткопаат довербата во методите и инструментите што моментално се користат при плаќањата“, се вели во соопштението на банката.