Gökhan Ergöçün
04 Април 2021•Ажурирај: 05 Април 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - ГОКХАН ЕРГОЧУН -
По 30-годишна окупација, регионот Нагорно Карабах треба целосно повторно да се изгради и обнови, почнувајќи од инфраструктурата до патиштата и болниците, а турските изведувачи ќе играат клучна улога во овој процес, истакна извршен директор на инвестициска банка, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Азербејџан сака да соработува со турски изведувачи, кои се познати по нивното искуство во градежништвото во регионот“, изјави Џенк Ејнехан, извршен директор на истанбулската филијала на ПАША банка, чија матична компанија се наоѓа во азербејџанскиот главен град Баку.
Тој истакна дека околу 1,5 милиони Азербејџанци ќе се вратат во регионот со реализирањето на проектите во инфраструктурата, патиштата, земјоделството, енергетиката, образованието и здравството.
Ејнехан рече дека Азербејџан досега издвоил буџет од 2,2 милијарди азербејџански манати (1,3 милијарди долари) за проектите, а се очекува буџетот да се зголеми за десетици милијарди долари во наредните години.
Тој истакна дека турските изведувачи ќе се вклучат во проектите за автопатот Фузули - Шуша, во должина од 100 километри, и за аеродромот во Фузули.
ПАША банка исто така ќе биде дел од финансирањето на проектите во процесот на обнова.
Нагласи дека според новите договори по победата на Азербејџан во Нагорно Карабах минатата есен, трговските патишта кон Кина ќе бидат поактивни и трговијата ќе се зголемува.
„Ние веруваме дека економската и стратешката соработка меѓу двете земји ќе стане посилна за просперитетот и иднината на регионот“, додаде Ејнехан.
- Ослободувањето на Нагорно Карабах -
Во 1991 година ерменската Војска го окупира Нагорно Карабах, меѓународно признат како азербејџанска територија, и седум соседни региони.
Минатиот 27 септември, ерменската Војска започна напади врз цивилите и азербејџанските сили и прекрши неколку договори за хуманитарен прекин на огнот.
За време на 44-дневниот конфликт, кој заврши со уште еден договор на 10 ноември, Азербејџан ослободи неколку градови и речиси 300 населени места и села од окупацијата на ерменската Војска.
- Трговски договор за зајакнување на односите -
Осврнувајќи се на билатералните економски односи, Ејнехан рече дека инвестициите на Турција во Азербејџан изнесуваат вкупно околу 12 милијарди долари, додека инвестициите на Азербејџан во Турција изнесуваат околу 19,5 милијарди долари.
„Околу 21,6 отсто од сите странски компании во Азербејџан се со турски капитал“, нагласи тој.
Додаде дека билатералната трговија помеѓу Турција и Азербејџан во 2020 година изнесувала скоро 4,5 милијарди долари.
„Според новиот приоритетен договор за трговија, што стапи на сила овој март, се има за цел обемот на трговска размена да достигне 15 милијарди долари“, изјави Ејнехан.
Тој исто така рече дека договорот вклучува важни мерки за нулирање на квотите и царинските даноци за 15 групи производи.
Додаде дека во иднина двете земји можат да работат на елиминирање на двојното оданочување и да постигнат нови договори за слободна трговија.
Потегот за безвизно патување меѓу двете земји, што стапи на сила на 1 април, го оцени како многу позитивен за економските односи.
Ејнехан истакна дека во 2020 година, и покрај пандемијата на коронавирусот, Азербејџанците отвориле 148 фирми во Турција и купиле 1.279 куќи.
За позицијата на неговата банка помеѓу двете земји, тој истакна дека банката има улога на финансиски мост за деловните луѓе што имаат цел да инвестираат во бизнисот помеѓу Турција, Азербејџан и Грузија.