Ekipa
11 Октомври 2022•Ажурирај: 12 Октомври 2022
ПАРИЗ (АА) - Францускиот синдикат на работници денес соопшти дека штрајковите во рафинериите за нафта на ТоталЕнерџис продолжуваат, заедно со два капацитети на Есо-ЕксонМобил, и покрај тоа што бензинските пумпи се борат да го задржат нивото на снабденост со горива во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Барајќи повисоки плати, штрајкувачите во ТоталЕнерџис ја продолжија блокадата на работата побарана од Генералната конфедерација на трудот и покрај зголемениот притисок од Владата“, изјави Ерик Селини, координатор на Генералната конфедерација на трудот.
„Членовите на синдикатот со големо мнозинство гласаа за продолжување на штрајкот“, додаде Селини.
Денес, Генералната конфедерација на трудот и Синдикатот на работничките сили рекоа дека вработените во двете рафинерии на групацијата Есо-ЕксонМобил во Франција, исто така, ќе продолжат со штрајкот, отфрлајќи го договорот за кој преговараа другите синдикати со работодавците.
„Договорот не ги исполнува барањата на штрајкувачите бидејќи понудата на работодавачите во суштина се состои само од премија“, рече Кристоф Оберт, претставникот на централниот синдикат на Генералната конфедерација на трудот.
Во интервју за РТЛ, портпаролот на француската Влада, Оливие Веран, утрово побара „сета блокада веднаш да прекине, во спротивно ќе направиме сè што е потребно за да ја прекинеме ние“.
Штрајковите, заедно со кампањите за попусти на лидерот на пазарот ТоталЕнерџис, создадоа паника и купување на горива во големи количини што придонесе за недостиг на гориво на француските бензински пумпи.
Министерката за енергетска транзиција, Агнес Паниер-Руначер, за каналот БФМТВ изминатата недела изјави дека околу 15 отсто од бензинските пумпи се погодени од недостиг на барем еден вид гориво.