Abdullah Aşıran
22 Август 2019•Ажурирај: 25 Август 2019
УТРЕХТ (АА) - АБДУЛА АШИРАН -
Најголемиот паркинг за велосипеди во светот со капацитет за 12.500 велосипеди е отворен во Утрехт, Холандија, пишува Anadolu Agency (AA).
Паркингот за велосипеди се наоѓа под плоштадот на Железничката станица во Утрехт, која важи за центар на железничките станици во земјата.

Првиот дел на паркингот со капацитет од 7.500 велосипеди беше отворен пред 2 години, а вториот дел со капацитет од 5.000 беше свечено пуштен во употреба оваа недела.
Приземјето и последните катови на трокатниот паркинг можат да ги користат оние кои секојдневно ги паркираат своите велосипеди, а средниот кат со капацитет за 1.800 велосипеди можат да го користат само претплатниците.
Влегувањето и излегувањето во паркингот е можно со картичка за јавен превоз или пак, со картичка за паркингот.

Како и кај гаражите за автомобили, електронските панели на влезот на паркингот покажуваат колку слободни места има на паркингот.
Редовите каде што се чуваат велосипедите се одредени со броеви.
Паркингот е отворен ден и ноќ и е бесплатен за првите 24 часа. Ако велосипедот е паркиран подолго од еден ден, од вториот ден се наплаќа 1,25 евра. Претплатниците пак, годишно ќе плаќаат 75 евра.

Паркингот има два влеза и излеза, еден од улицата „Морелсепарк“, а другиот од улицата „Смакеларсвелд“.
На паркингот има посебни места за велосипеди што имаат голем управувач и големи корпи. Во паркот, исто така, има сервис за поправка, одржување и продажба на делови за велосипеди. Покрај тоа, има и дел за изнајмување на велосипеди.
За безбедноста на паркингот поставени се камери кои се контролираат од страна на персоналот.
Во Холандија, која има 17 милиони жители и е позната како „земја на велосипеди“, има околу 23 милиони велосипеди. Најпрометните велосипедски патеки се наоѓаат во Утрехт.