Hatice Diler
17 Април 2026•Ажурирај: 17 Април 2026
Под високите минариња на џамија во турскиот град Трабзон, каде што молитвите секојдневно се издигнуваат кон небото, имам решил да го спушти благодатот малку поблиску до земјата, односно подрумот на џамијата да го претвори во центар каде што децата и младите може да уживаат во социјални активности, јавува Анадолу.
Имамот Фикрет Учар, кој работи во централната џамија Ердогду во Општина Ортахисар, заедно со своите муезини и со поддршка од верниците, реши да им подари нешто посебно на најмладите. Некогаш некористениот простор во подрумот на џамијата сега е исполнет со простор за игра, бои и живот.
Овој младински центар работи пет дена во неделата, а покрај просторот за игра, има и прекрасна библиотека. Таму младите може во мир да учат и да читаат книги, а домаќините ги пречекуваат со топли напивки и закуски, правејќи да се чувствуваат како дома.
Имамот Учар за Анадолу со многу љубов ја објасни својата мисија и желба децата и младите да израснат во добри луѓе и корисни членови на општеството.
„Некои од нив утре ќе бидат полицајци, директори или имами како нас. Мора да ги тргнеме од улицата и да ги држиме подалеку од лошите навики. Ова е вистински пат за тоа.“
Тој додава дека џамијата има капацитет од 1.500 луѓе и дека новиот центар воопшто не го попречува редовниот верски живот, туку само го збогатува.
Покрај позитивните коментари, за имамот Учар награда е и спокојот во очите на родителите. „Таткото знае дека во одредено време неговото дете е во џамија, знае што прави и тоа му влева сигурност. Сметаме дека нашите посетители треба да израснат во млади луѓе со цврсти принципи и благородни цели, чии срца чукаат за својот народ, држава, иднина и за доброто на целото човештво“, вели Учар.
Истакнувајќи дека имаат голем број идеи за да го зголемат интересот кај децата, Учар ги сподели своите натамошни планови: „Доколку овие активности продолжат, а со божја помош ќе продолжат, планираме да отвориме нови делови во нашиот младински центар. Сакаме да организираме бесплатни курсеви по математика, англиски јазик и информатика со помош на проектори. Исто така, имаме намера да поставиме вреќи за бокс и душеци за борење за да може децата да спортуваат.“
За младиот Али Кузеј Офлуоглу (14), кој е редовен посетител на центарот, рекреативниот простор во џамијата му помага да се ослободи од стресот поради подготовката за средно училиште.
„Многу ми се допаѓа овој простор. Кога првпат дојдов со брат ми, игравме пинг-понг и билјард. Но не се во прашање само игрите, прекрасен е и внатрешниот дизајн на џамијата. Ова е прекрасно место каде што вреди да се дојде и за молитва. Околината е прекрасна“, вели Али.