Metin Tokgöz
13 Јуни 2019•Ажурирај: 17 Јуни 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Комуналецот Метин Кескин денеска во Центарот за грижа за животни во Истанбул ја посети мачката која вчера со вештачко дишење ја спасил од водена буица во истанбулскиот регион Пендик, јавува Anadolu Agency (AA).
Вработениот во Комуналната служба за одржување на патиштата при Градската управа на Истанбул, Кескин, вчера стана херој за време на интервенцијата со колегите.
„Најдовме мачка покрај патот која не даваше знаци за живот. Ја подигнав за да ѝ излезе водата од устата, а потоа применив вештачко дишење. Реанимацијата успеа и мачката пушти глас“, изјави Кескин.
Тој денеска ја посети мачката во Центарот за грижа за животни и изјави дека е пресреќен што сѐ се завршило одлично и што мачката е добро.
„Ова сега е наша мачка. Спасивме еден живот, нешто што секој совесен граѓанин би го сторил. Ние ја работевме нашата работа и среќни сме што сѐ помина добро“, изјави Кескин.
Ветеринарот Мевлут Мауталман изјави дека на спасената мачка ѝ е укажана ветеринарна помош и дека во моментот е многу добро.
„Потребно е тука да ја задржиме уште 24 часа, а потоа ќе ја дадеме на посвојување. Прво ќе ја прашаме Комуналната служба, а доколку таа не може да ја посвои, тогаш ќе чекаме други заинтересирани“, изјави Мауталман.
На прашањето на новинарот дали ѝ дале име на мачката, ветеринарот рече дека тоа може да го стори нејзиниот спасител кој изјави дека е подобро да се спроведе некоја кампања и граѓаните на Истанбул да го изберат нејзиното име.