Melike Pala
13 Јули 2026•Ажурирано: 13 Јули 2026
Повеќе од 2.700 луѓе можно е да починале од причини поврзани со горештините за време на големите топлотни бранови што ги погодија Англија и Велс во мај и јуни, покажува новата студија на истражувачите од Империјал колеџ во Лондон, Метеоролошката служба на Велика Британија и Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, пренесува Анадолу.
Истражувачите процениле дека околу 550 смртни случаи поврзани со горештините се случиле од 21 до 29 мај, додека речиси 2.200 смртни случаи се поврзани со топлотниот бран од 18 до 28 јуни, вкупно повеќе од 2.700 смртни случаи, објави денес британскиот јавен сервис „Би-би-си“.
Процените се базираат на историските податоци за смртноста и утврдените врски помеѓу екстремните горештини и зголемениот број смртни случаи.
Истражувачите нагласија дека бројките се моделирани процени, а не потврден број смртни случаи.
Англија годинава го забележа најтоплиот јуни досега, со температури кои достигнаа 37,7°C во Лингвуд, Норфолк, надминувајќи го претходниот јунски рекорд од 35,6°C поставен во 1957 година.
За време на јунскиот топлотен бран, властите на Велика Британија издадоа едно од ретките црвени предупредувања за горештини за делови од Англија и Велс, предупредувајќи дека екстремните температури претставуваат значителен ризик за животот.
Истражувачите рекоа дека и мајскиот и јунскиот топлотен бран биле предизвикани од „топлотна купола“, постојан систем со висок притисок кој го заробува топлиот воздух над регионот.
Тие додадоа дека климатските промени предизвикани од човековото влијание ги засилиле овие настани, зголемувајќи ја глобалната температура за околу 1,4 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа, а придонеле со проценети 3 до 4 степени Целзиусови кон максималните температури измерени за време на двата топлотни брана.