Ahmet Bayram
11 Мај 2019•Ажурирај: 13 Мај 2019
МАНИСА (АА) - Рударите во рудникот за јаглен во Сома, во турскиот град Маниса, секојдневно за време на месецот Рамазан, на околу 350 метри под земја, се одрекуваат од храна, пијалак и од сите други телесни задоволства за да исполнат една од темелните исламски должности - постот.
Ниту напорната работа и особено високите температури не им претставуваат препрека рударската смена да ја вклопат во повеќе од 17 часови работа, од зори до заоѓање на Сонцето. Производниот процес тече без престан.
Работниците кои работат во рудник на приватна фирма во областа Ејнез, направија дрвени маси во мрачниот ходник, осветлен со светло од рударската кацига.
Екипата на Anadolu Agency (AA) го посети рудникот во Сома и со рударите го дочека ифтарот (вечера за верниците што постат), на длабочина од 350 метри, во мрачниот и задушлив подземен простор.
Лица извалкани од јаглен и прав, пот која капе од изморените, исцрпени лица, тешки алати во рацете е сликата која екипата на АА ја затече во рудникот на неколку стотици метри под земја.
Имаа сила да зборуваат за своето рамазанско искуство. Додека траеше разговорот, пристигна времето за ифтар и за завршување на целодневниот пост. Рударите со тивки молитви се обраќаат на Бога и по повеќе од 17 часа во исцрпениот организам ги внесуваат првите капки вода и храна.
Техничкиот директор за безбедност во рудникот, Мустафа Чалик, изјави дека се наоѓаат на 350 метри под земја и дека таму го дочекуваат ифтарот.
„Тука дојдовме по пешачење од 2,5 километри“, раскажа Чалик, наведувајќи дека и покрај тешките услови за работа, ако даде Господ, ќе го испостат и овој Рамазан.
За рударот Мехмет Арлиј ифтарот под земја е посебен и поразличен. Истото мислење го дели и рударот Озчан Чимен.
„Пред сѐ, да се пости е добро и поради здравјето. Тежината на нашата работа е во втор план“, изјави Чимен.
Селчук Јаваш изјави дека и покрај тежината на работата која ја извршува, се труди да не го прекинува постот.