14 Ноември 2015•Ажурирај: 15 Ноември 2015
Скопје (АА) - Денес во Скопје се одржа годинешниот Марш на толеранција во организација на Хелсиншкиот комитет, Фондацијата Отворено општество –Македонија, Цивил – Центар за слобода и Солидарност и ЛГБТИ Центар за поддршка, јавува Anadolu Agency (AA).
Оваа година Маршот на толеранција беше посветен на бегалците, под мотото„Бегалци без граници“. Целта на Маршот е подигање на јавната свест и апел до властите за похуман третман на бегалците низ нивното патешествие низ Македонија како и истакнување на потребата од подобрување на условите во камповите и транзитните места.
Маршот започна од пред Музејот на град Скопје. Меѓу останатите на маршот присуствуваше и француската амбасадорка во Македонија, Лоренс Оер.
Ураниjа Пировска, од Хелсиншкиот комитет рече дека Европската комисија и нејзините политики во голем дел носат одговорност за тоа што се случува со бегалците. Не само во Македонија туку во цела Европа, при нивниот транзит, додавајќи дека терористичките напади што се случија вчера во Париз не треба да се поврзуваат со прашањето за бегалците.
„Ние, така, се соочуваме со навистина сериозен говор на омраза и инциденти предизвикани од омраза кон сите оние кои на некој начин им помагаат на бегалците. Кога велиме да се почитува правото на бегалците, ние тоа го велиме и за сите луѓе на Земјината топка, истакна Пироска.
Јасмин Реџепи, од невладината организација Легис, рече дека:
„Вообичаено бегалците кои што поминуваат низ Македонија, според нашите контакти што ги имаме со нив, биле обични граѓани на тие земји од кадешто бегаат,“ и истакна дека тероризмот нема нација и религија, и дека треба да се спречи уште во стартот.
Додаде дека бегалците се жртви на тероризмот, нагласувајќи дека треба да останеме на нивна страна и да го спречиме тоа.
Маршот заврши пред Старата скопска чаршија.