Aydın Arik
08 Јануари 2024•Ажурирај: 11 Јануари 2024
ДИЈАРБАКИР (АА) - Младата Сиријка Нур Мухамед (17), која со семејството живее во источниот турски град Дијарбaкир, за само еден месец успеала да го научи целиот Куран напамет и да ја добие титулата хафиза, јавува Анадолу.
Нур Мухамед, која пред четири години, на 13 -годишна возраст, ја поминала суфарата (научила да го чита арапското писмо), паралелно со нејзиното образование, одлучила да започне со хифз (учење на Куранот напамет), и за само еднен месец добила сертификат за положен хифз, односно станала хафиза.
Во разговор со АА, Нур Мухамед рече дека дошла да се запише на хифз, и дека на својата менторка ѝ кажала дека сака да стане хафиза, која пак на таблата напишала „Хафиза Нур“, кое, како што наведе таа, многу ја мотивирало.
Младата Сиријка раскажа дека сакала да стане првиот хафиз во семејството, но дека браќата ја престигнале, едниот завршил хифз за седум месеци, другиот за една година.

Таа додаде дека на почетокот на хифзот ѝ рекла на својата мухафиза (мухафиз-ментор, личност која ги преслушува научените делови од Куранот на учениците по хифз), дека сака да го научи Куранот напамет за еден месец, што секако било тешко да се поверува.
„Ги завршив сите џузови (Куранот се состои од 30 џузови, секој по 20 страници од Куранот) за еден месец и станав хафиза. Во исто време продолжувам со моето образование. Моментално сум 12-то одделение. Татко ми отсекогаш сакаше да бидам доктор. Му ветив на татко ми. Станав хафиза и сега ќе се борам да станам доктор. Така ќе можам да си ги исполнам желбите и да го исполнам ветувањето кон татко ми“, рече младата Сиријка.
Решахат Турк, која ја следеше Нур во текот на целиот процес на учењето на Куранот напамет, рече дека е многу среќна што Нур Мухамед го научила Куранот за еден месец.
„Во училиштето за хифз работам веќе 17 години. Кога дојде Нур Мухамед таа рече дека за еден месец ќе го научи Куранот напамет, а јас не можев да верувам. Потоа видов дека поминува три, пет,10 страници и дека брзо учи. Има многу добра меморија и тоа го искористивме. И порано сме имале ученици кои станале хафизи за една година, но ова е прв пат некој да го постигне тоа за еден месец. Нур е многу вредна и трудољубива девојка. Бог нека го благослови нејзиниот пат, би сакале еден ден да стане докторка“, рече Турк.
Хифз претставува процес на учење на текстот на Куранот напамет, кој во буквален превод значи чувар; затоа самиот хафиз се нарекува чувар на Куранот. Куранот содржи 114 поглавја (сури), 30 делови (џузови), повеќе илјади реченици (ајети) и 604 страници густ текст.