Aldıjana Hadzıc
24 Октомври 2016•Ажурирај: 25 Октомври 2016
САРАЕВО (АА) - Меѓу историските настани што се случиле на денешен ден, издвојуваме:
1601 - Почина данскиот астроном Тихо Брахе, кој изгради опсерваторија на островот Хвен и речиси две децении ги набљудуваше планетите, особено Марс. Тој откри нова ѕвезда во соѕвездието Касиопеја.
1632 - Роден е холандскиот природонаучник Антони ван Левенхук, кој, иако по струка книжар, се занимавал со микробиолошки истражувања и го откри дотогаш непознатиот свет на микроорганизмите. Ги создаде првите едноставни микроскопи, но подоцна посветувајќи им се, конструирал околу 400 микроскопи.
1648 - Со Вестфалскиот мир што го склучија германскиот цар и владетелите на Франција и на Шведска, заврши Тридецениската војна. Франција од Германија ги доби Алзас, Мец и Тул, Шведска ја доби речиси цела Померанија, а Германија остана поделена на голем број држави. Австрискиот цар и понатаму беше и германски цар, но со големи ограничени овластувања. Призната беше независноста на Швајцарија и на Холандија и беше прогласена рамноправноста на римокатолиците и протестантите.
1697 - Австрискиот фелдмаршал Еуген Савојски со околу 8.500 војници продре по долината на реката Босна во Сараево, и го запали.
1795 - Русија, Австрија и Прусија меѓу себе ја поделија територијата на Полска.
1797 - Лима, главниот град на Перу беше разурнат од земјотрес, при што загинаа околу 5.000 луѓе.
1857 - Во Шефилд, Англија, формиран е фудбалскиот клуб „Шефилд“. Тој е најстариот фудбалски клуб во светот.
1882 - Германскиот бактериолог Роберт Кох ја откри бактеријата што ја предизвикува туберкулозата.
1912 - Со победата на Првата српска армија под команда на Александар Караѓорѓевиќ над турската Вардарска армија на Зеки-паша, заврши дводневната Кумановска битка, клучна во Првата балканска војна.
1914 - Роден е Џонас Едвард Салк, американски микробиолог. Во 1955 година ја откри вакцината против детската парализа (полиомиелитис). Тој спаси милиони деца во светот заболени од детска парализа. Умре во Ла Џола, Калифорнија, САД, на 23 јуни 1955 година.
1934 - Махатма Ганди истапи од Националниот конгрес на Индија, кој беше под британско влијание, и ги поведе масите во борба за независност на Индија.
1945 - Стапи во сила Повелбата на Организацијата на Обединетите нации, која заедно со Статутот на Меѓународниот суд, претставува темелен документ за устројството и дејствувањето на оваа светска организација. Тој ден се слави како Ден на Организацијата на Обединетите нации. Република Македонија е примена за рамноправен член на Организацијата на Обединетите нации на 8 април 1993 година.
1966 - Роден е рускиот милијардер Роман Абрамович. Се проценува дека неговиот имот вреди 8,5 милијарди американски долари.
1985 - Роден е фудбалерот Вејн Руни. Тој е играч во „Манчестер јунајтед“ и игра за англиската репрезентација.
1997 - На пет километри под површината на Индискиот Океан, нуркачите го пронајдоа американскиот брод што носеше 2.000 тони сребро, кое претседателот Рузвелт му го испрати на Сталин во 1944 година. Рузвелт сакаше да им помогне на Русите во борбата против Хитлер, но планот пропадна кога германските подморници го потопија. Во бродот имаше сребро во вредност од најмалку 330 милиони долари.
2005 - Почина Роза Паркс, првата Афроамериканка која во 1955 година се осмели да ги прекрши тогашните расни закони на југот од САД, во сојузната држава Алабама, одбивајќи на белец да му отстапи место во автобус. Тоа доведе до основање на движењето за правата на Афроамериканците во Америка.
2014 - Директорот на Гугл, Ален Јустас, скокна од работ на вселената и го проби звучниот ѕид, и со тоа го собори рекордот од 39.044 метри, кој две години претходно го постави Феликс Баумгартнер. Јустас (57) во апсолутна тајност скокна од височина од речиси 42 километри и постави нов рекорд.