Turgut Alp Boyraz
05 Декември 2015•Ажурирај: 06 Декември 2015
ЕРУСАЛИМ (АА) - Единствениот член на четиричленото семејство кој го преживеа подметнувањето на пожарот во семејната куќа во Наблус пред четири месеци, четиригодишниот Ахмед Девабиш, не е свесен за она што се случи и сè уште се надева дека, кога ќе излезе од болница, ќе се сретне со своето семејство, јавува Anadolu Agency (AА).
Евреите од местото Наблус, во северниот дел на Израел, во почетокот на август подметнаа пожар во куќа на Палестинци. При тоа настрада бебето Али, додека таткото Саад, мајката Рихам и четиригодишниот брат Ахмед беа тешко повредени. Родителите на детето починаа како резултат на повредите.
Чичкото на момченцето, Насер Девабиш, смета дека треба да се сними филм или серија за него и да се прикаже тажната судбина на детето кое во еден миг остана само на светот.
Чичкото додава дека не му верува на израелскиот правен систем.
„Доколку Паелстинците се жртви на терористички напад, и доколку терористите се Израелци, не можете да очекувате правда од овој систем. Меѓународната заедница врши одреден притисок по прашањето на она што му се случи на мојот брат и неговото семејство. Пред неколку дена Обединетите нации (ОН) го повикаа Израел да покрене истрага. Тие повици го тераат Израел на одредени чекори. Израел знае кои се убијците од првиот момент, но не презема ништо“, кажа Девабиш и порача дека тие, како Палестинци, ќе истраат во борбата за правда и дека верува дека таа еден ден ќе биде задоволена.
Дедото на Ахмед, Хусеин Девабиш (52) кој се наоѓа на лечење во болница во близина на Тел Авив рече дека ја чувствува болката на неговиот внук, уште од првиот ден кога сето ова се случило.
„Кога Ахмед ќе праша за татко му или за мајка му, како некој да ми зарива нож во срце. Не знам што да му кажам. Што да го излажам, а што како вистина да му кажам. Нè очекуваат тешки времиња откако ќе излезе од болница. Ахмед сонува за живот со родителите и братот Али, но тие се мртви. Не знам што ќе се случи кога тој ќе ја дознае вистината“, со тага во гласот кажа Хусеин и додаде дека пред неколку дена Израел привел неколку лица за кои има сомнение дека би можело да се поврзани со нападот, но дека тој (на израелската) правда не ѝ верува.
Нехем Касим (44) е Палестинка која доброволно се пријавила да се грижи за Ахмед во болница.
„Вчера ми се јави неговиот дедо, рече дека Ахмед извикувал „Нè запалија, нè запалија“. Тоа беа првите зборови кои детето ги изустило откако ги отворило очите. Минатата недела во сон го довикуваше татка си и бараше да го донесат, по што моравме да го разбудиме“, рече Касим и додаде дека детето постојано зборува за татко му, кој за него е јунак.
„Вчера му зборував за лавовите, а тој рече дека неговиот татко може да се бори против лавовите и да ги победи“, додаде Касим.
Таа додаде дека Ахмед постојано зборува за своето братче Али кој бил сам дома и се плашел од мракот.
„Кога некој ќе му донесе играчка вели дека ќе ја однесе на братчето за заедно да си играат“, рече Касим.
Лекарите од болницата во која се наоѓа Ахмед велат дека и по четири месеци детето сè уште не е доволно опоравено, иако неговата состојба се подобрува. Додаваат дека имал и неколку операции.