Ahmet Furkan Mercan
11 Септември 2021•Ажурирај: 13 Септември 2021
ТОКИО
Принцезата на Јапонија Мако (29) во октомври се мажи за својот вереник Кеи Комуро (29), поради што ќе остане без статусот на член на кралското семејство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Јапонската новинска агенција Кјодо, повикувајќи се на извори блиски на Владата, објави дека венчавката ќе биде организирана во текот на октомври, по која Мако ќе го напушти кралскиот двор.
Се дознава дека брачниот пар животот ќе го продолжи во САД.
Членови на јапонското кралско семејство немаат патни исправи. Принцезата Мако прво ќе се пријави за регистрација на семејството заедно со својот брачен партнер.
Според законите што се во сила во Јапонија, жена од кралското семејство која ќе се омажи за цивилен граѓанин го губи својот кралски статус.
Мако, најстарата ќерка на јапонскиот престолонаследник Фумихито (брат на царот Нарухито), прва е принцеза на Јапонија која по Втората светска војна ќе се мажи без традиционална кралска свадба.
Принцезата Мако и Кеи се запознале на Универзитетот во Токио 2012 година, а планираат брачниот живот да го продолжат во САД.
Во согласност со монархистичките правила на Јапонија, членовите на царското семејство го губат статусот и привилегиите кога се мажат за некој кој не е од семејството, но добиваат парична отпремнина во висина од 1,35 милиони долари. Јапонските медиуми известуваат дека Мако најверојатно нема да ја прифати ниту отпремнината.
Мако и Кеи две години ја одложуваа свадбата поради долгови кои мајката на Кеи ги имала кон својот поранешен вереник, но се чини дека тие долгови се подмирени.
Јапонскиот престолонаследник Фумихито минатата година на својата ќерка и даде дозвола да се мажи за својот избраник.
„Го одобрувам нивниот брак. Уставот предвидува дека бракот ќе се заснова врз взаемна согласност на нив двајца. Ако тоа е она што тие двајца навистина го сакаат, јас како родител тоа го почитувам“, изјави Фумихито.