Emel Öz
26 Јануари 2022•Ажурирај: 27 Јануари 2022
АНКАРА (АА) - Двогодишно дете од американската сојузна држава Њу Џерси преку телефонска апликација купил мебел во вредност од околу 1.800 долари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што наведува „Вашингтон пост“ (Washington Post), 22-месечниот Ајанш ги купил производите по пат на телефонска апликација додека играл со телефонот на мајка му.
Родителите Мада и Прамод Кумар се шокирале кога пакетите почнале да им пристигаат на домашна адреса, што траело неколку дена.
Тие неодамна се преселиле во нова куќа во Њу Џерси и планирале да купат дел од мебелот.
Мада, мајка на три деца, претпочита купување преку интернет и на една страница имала полна кошничка со предмети кои размислувала да ги купи. Иако сакала да почека со нарачката, нејзиниот двогодишен син Ајанш, додека си играл со мобилниот, притиснал на иконата и ги купил сите избрани артикли.
Кога родителите разбрале што направил нивниот син, било предоцна за откажување на нарачката.
„Се јавивме и прашавме дали може да ја откажеме нарачката, но рекоа дека е предоцна. Веќе сѐ беше испорачано. Пакетите постепено пристигнуваат, а превозниците создаваат ред пред нашата врата“, рече Мада.
Сепак, како што објаснија, од продавницата им одговориле дека можат да го вратат мебелот и да ги добијат парите назад.