АНКАРА (АА) - И покрај тековните конфликти и предизвиците во нивната матична земја, две сириски мајки, кои живеат во главниот град на Турција, Анкара, успеаја да го одржат своето семејство и да имаат деца благодарение на врвните здравствени услуги во Турција.
Во разговор за Anadolu Agency (AA), Мона ал Масри, 45-годишна мајка на осум деца, рече дека сака да ги одгледува своите деца и да им обезбеди најдобри услови во иднина, останувајќи во Турција.
„Се чувствувам како да живеам со моето семејство во мојата земја, тука добиваме соодветна грижа“, рече Ал Масри, додавајќи: „Се молам секојдневно за турскиот народ“.
Со помош на опозициската Слободна сириска војска, семејството на Ал Масри избегало од Алепо, северозападна Сирија, во блискиот град Тел Рифат.
Откако започнаа судирите таму, семејството успеало да премине преку границата со Турција во градот Килис, каде што живееле во стан две години.
Ал Масри раскажува дека нејзиното семејство се преселило во камп во Килис со помош на сопственикот на станот во кој престојувале.
„Во кампот добивме куќичка, помош и добри услуги од добротворните организации“, рече таа. „И тогаш раководството на кампот ни препорача дека е добро да го напуштиме кампот поради иднината на нашите деца“.
Сакајќи нивните деца да добијат добро образование на турски јазик, семејството се преселило во Анкара минатиот ноември.
Х.И., 28-годишна мајка, дошла во крајбрежениот турски град Анталија за првпат во 2016 година како бегалец, каде што ја родила својата најмлада ќерка во градската болница.
Кога Х.И. и нејзиното семејство дошле во Турција, нејзиниот син имал само две години, а нејзината ќерка само четири месеци.
Бремена со нејзиното четврто дете, Х.И. вели дека породувањето со нејзиното трето дете во Анталија било многу лесно во споредба со нејзините први две во Сирија за време на војната.
„Јас имав тежок период за време на бременостите таму поради недостиг на лекови“, рече таа.
„Не сакав да имам деца по моето второ дете во воени услови, бидејќи иднината на моите деца беше неизвесна, но никогаш не помислував на абортус“, изјави Х.И. осврнувајќи се на условите во војната.
Ал Масри, која ги добила своите најмлади ќерки (близначки) во кампот во Килис во 2016 година, рече дека многу страдала во текот на нејзината бременост затоа што во тоа време била во своите 40-ти.
Но таа раскажува дека лекарите во кампот редовно ги вршеле прегледите и контролите.
„Ако се породував во Сирија, немаше да биде толку лесно. Јас сум многу благодарна за услугата што ја добив во кампот“, рече таа, истакнувајќи дека две лекарки биле покрај неа при породувањето.
„Можеби немаме многу роднини овде, но ги имаме нашите браќа и сестри Турци тука“, додаде Ал Масри.
- „Не сметам дека контрацепцијата е грев, особено во наши околности“ -
Иако во одреден период користела средства за контрацепција, Ал Масри вели дека нејзините деца се „дар од Бога“.
„Имав и спонтан абортус пред близначките, додека престојував во кампот“, додаде таа, истакнувајќи дека лекарите рекле дека спонтаниот абортус бил поради анемија.
Ал Масри раскажува дека многу Сиријци, вклучително и бремени жени, сметаат дека контрацептивните средства се забранети во исламот. „Ова е причината зошто има толку многу деца во Сирија“, рече Ал Масри, додавајќи: „Тоа е бидејќи веруваме дека откако ќе имаме деца, Бог ќе ви помогне да ги прехраните“.
Х.И., од друга страна, рече дека жали што се породила во услови на војна во Сирија, кога ја добила својата најстара ќерка во Мунбич, со помош на бабица.
Потенцирајќи дека за време на војната немала намера да има второ дете во Мунбич, потсети дека користела контрацептивни средства, иако се покажале безуспешни.
„Не мислам дека контрацепцијата е грев, особено во наши околности“, рече Х.И.
Доаѓајќи од релативно мало семејство во Сирија, Х.И. рече дека не биле во можност да патуваат во Турција претходно затоа што нејзиниот сопруг патувал во Либан на работа, а таа останувала дома грижејќи се за децата и нејзиниот болен свекор до неговата смрт.
„Ако условите се подобрат и војната заврши, јас би сакала своите деца да ги пораснам во Сирија“, вели таа.