Ferdi Bayat
23 Септември 2023•Ажурирај: 27 Септември 2023
КАИРО (АА)
- Ферди БАЈАТ
Младиот Мухамед Шафи Бари од Гвинеја премина 5.000 километри со својот велосипед за да стигне во египетската престолнина Каиро и да го исполни својот сон да студира на престижниот Универзитет Ал Азхар, пишува Анадолу.
Овој Дваесетпетгодишник на 17. мај тргна од родниот Конакри со желба да студира на универзитетот Ал Азхар, кој е еден од најстарите и најпрестижните високообразовни институции на светот.
Шафи Бари е оженет и татко е на едно дете, а желбата да студирање на Ал Азхар ја добил од инспиративните предавања на шехот Мухамед Мутевели ал-Шарави.

„Учењето на Куранот од страна на шехот ал-Шарави, неговиот тефсир (толкување на Куранот) и повикувањето на луѓето кон верата е нешто што сакам да го следам. Тоа е причината поради која се одлучив да дојдам во Египет и да студирам“, рече Шафи Бари во разговор со новинарот на Анадолу.
Шафи Бари за време на своето патешествие со велосипед, пропатувал низ Гвинеја, Буркина Фасо, Того, Бенин, Нигер и Чад.
„Имаше многу потешкотии. Спиев сам во шумите и на ридовите. Најмногу се плашев да не ми го украдат велосипедот и затоа не се одвојував од него и кога спиев. Јадев еднаш или двапати дневно, а тешко доаѓав до вода за капење“, рече Шафи Бари.
- Приведување, преживување со овошје, бегство од судири...
Додека ги вртел педалите низ Того, Шафи Бари бил приведен од тамошните безбедносни сили и бил испитуван за неговите намери и причини на патувањето.
„Ми поставија многу прашања. Одговорив на сите, но не успеав да ги уверам во тоа. По 9 дена ме пуштија од притвор, од каде преминав во Бенин“, рече момчето од Гвинеја.
Низ Бенин немал проблеми од тој вид, но тешко доаѓал до храна, па воглавно се хранел со овошје кое го наоѓал во шумите.

Шафи Бари од Гвинеја пристигнал во Чад за околу 2 месеци со својот велосипед и морал да ја смени рутата поради судирите со кои се соочил во Судан меѓу војската и бунтовниците.
„Планирав во Чад да останам две недели и да го продолжам патот. Не се плашев од судирите во Судан, бидејќи од Гвинеја до Чад дојдов без ништо. Си помислив, Аллах ми помогна до Чад, па ќе ми помогне да стигнам и до Египет“, рече Шафи Бари.
Меѓутоа, новинарот што го запозна во Чад, не му дозволил да оди во Египет преку Судан, туку му помогнал да најде донатор, кој му купил авионска карта за лет од Чад за Египет.

- Ќе одел пеш да немал велосипед
Иако во Гвинеја ги оставил сопругата и ќерката, Шафи Бари е среќен што конечно по 4 месеци пристигнал во Каиро и ја исполнил својата желба.
„Стигнав жив и здрав во Египет. Ја собрав потребната документација и се запишав на Ал Азхар. Примен сум. Дојдов со велосипед, но и да го немав, ќе дојдев пеш“, рече на крајот Шафи Бари.
