Fatma Esma Arslan Özdel
11 Мај 2025•Ажурирај: 13 Мај 2025
ДАКАР (АА)
– Фатма Есма Арслан Оздел
Јапонскиот борач Шого Уозуми, кој живее во Сенегал, додека ги подучува децата на грчко-римски стил на борење, кој е дел од Олимписките игри, и самиот истовремено го учи традиционалното сенегалско борење.
Шого Уозуми, познат и по локалниот прекар „Сонго Тине“, првпат дошол во Сенегал во 2017 година преку Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA). Во период од две години волонтерски ги подучувал децата на борење во градот Тиес, оддалечен 70 километри од Дакар. По истекот на периодот, се вратил во Токио и работел во обезбедувањето на пратеникот Хироши Хасе.
Откако Хироши бил избран за гувернер на областа Ишикава, Уозуми во 2022 година повторно се вратил во Сенегал. 31-годишниот Уозуми, кој има универзитетска диплома во областа на борењето, од 2022 година доброволно ги подучува децата во Тиес на грчко-римски стил на борење, а во исто време се специјализира во сенегалското традиционално борење, познато како „лаамб“.

За да стекне повеќе искуство во сенегалското борење, од јануари престојува во рибарската населба Јоф во Дакар, каде што живее во домот на едно сенегалско семејство. Пет дена неделно во попладневните часови тренира со борачи од соседството. Под корисничкото име „Songo Tine Japonais“ на платформата ТикТок има 524.000 следбеници, а со објавите на локалниот јазик волоф, ужива голема популарност меѓу Сенегалците.
- „Бидејќи не сум крупен како Сенегалците, не веруваа дека сум борач“
Во разговор со новинарот на АА по еден тренинг, Уозуми зборуваше за неговите идни цели и планови во Сенегал.
Тој рече дека кога првпат пристигнал во Сенегал, забележал сличности меѓу јапонската култура на гостопримство „омотенаши“ и сенегалската „теранга“, и бидејќи Сенегалците се поотворени и посоцијални, лесно се адаптирал.

„На почетокот беа скептични. Бидејќи не сум крупен како нив, не веруваа дека може да сум борач. Ми велеа: ‘Немаш доволно сила за нас’, но со тек на време, кога почнав да се борам со нив и ги видоа моите техники, ме прифатија. Никогаш не се чувствував како странец“, рече Уозуми.
- „Додека подучувам грчко-римско борење, јас го учам традиционалното“
Уозуми рече дека сенегалското борење не е дел од Олимписките игри и додаде:
„Главната цел ми е да ги подготвам децата за меѓународни боречки стилови, како што е грчко-римското борење, и да им помогнам да излезат во светот. Во исто време ги подготвувам и за младинската Олимпијада што ќе се одржи во Сенегал во 2026 година. Додека ги учам децата грчко-римско борење, јас продолжувам да учам традиционално борење. Мојата цел е да настапам на најголемата боречка арена во земјата – Националната арена. Воедно, ги подготвувам и сенегалските борци за MMA (mixed martial arts - Мешовити боречки вештини) и кикбокс турнири низ светот. Некои веќе настапија во Јапонија и се вратија со големи успеси.“
Во разговорот со новинарот на АА, Уозуми истакна:
„Во Сенегал, борењето не е само спорт – тоа е начин на живот. Љубителите на борењето, задолжително треба да дојдат во Сенегал и да се запознаат со ова традиционално борење.“

- Сенегалското борење – од забави по жетви до национален спорт
Традиционалното борење во Сенегал, на јазикот волоф познато како „лаамб“, датира од 14 век. Познато е дека традиционалното борење, кое се појавило како забава на крајот од сезоната на жетва од страна на етничката група Серер која се занимавала со земјоделство, се користело и во церемонии за подготовка на мажите Серер за војна.
Борбата се одвива на песок, и постојат две варијанти – една што дозволува удари и друга што ги забранува. Комбинирајќи физичка борба и акробатика, во сенегалското борење победата се добива со допирање на земјата на кој било дел од противникот.
Од 1990-тите станува професионален спорт, а денес е второ по популарност во Сенегал, веднаш по фудбалот.