Dilara Hamit
15 Март 2021•Ажурирај: 16 Март 2021
АНКАРА (АА) - Фармацевтската компанија „АстраЗенека“ издаде соопштение во кое ja потврдува безбедноста на својата вакцина против Ковид-19, заснована на научни докази, поради загриженоста од извештаите за лицата што имале создавање на тромб по примањето на оваа вакцина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Компанијата соопшти дека безбедноста е од најголемо значење за нив и дека тие постојано ја следат безбедноста на вакцината.
„Со внимателното разгледување на сите достапни податоци за повеќе од 17 милиони вакцинирани луѓе во ЕУ и Велика Британија со вакцината против Ковид-19 на АстраЗенека не се пронајдени докази за зголемен ризик од белодробна емболија, за длабока венска тромбоза или тромбоцитопенија кај која било старосна група, пол, пратка или во одредена земја“, се вели во соопштението.
Се истакнува дека досега низ цела ЕУ и Велика Британија имало пријавено 15 случаи на длабока венска тромбоза и 22 случаи на белодробна емболија меѓу вакцинираните со оваа вакцина, според бројот на случаи што компанијата ги добила до 8 март.
„Ова е многу помал број случаи отколку што се очекуваше да се појават природно кај општата популација од овој размер и е слична на другите лиценцирани вакцини против Ковид-19. Месечниот извештај за безбедноста ќе биде објавен на веб-страницата на Европската агенција за лекови во неделата што следува согласно мерките за транспарентност за Ковид-19“, се вели во соопштението.
Од компанијата нагласуваат дека во клиничките испитувања, и покрај тоа што бројот на случаи со тромбоза бил мал, истиот бил помал во вакцинираната група и дека исто така немало докази за зголемено крварење кај над 60.000 учесници во испитувањата.
„Околу 17 милиони луѓе во ЕУ и Велика Британија досега ја примија нашата вакцина, а бројот на случаи со згрутчување на крвта пријавени во оваа група е помал од стотиците случаи што би се очекувале кај општата популација. Природата на пандемијата доведе до зголемено внимание во одделни случаи и ги надминуваме стандардните практики за следење на безбедноста на лиценцираните лекови при пријавувањето на случаите во процесот на вакцинирање со цел да се осигури јавната безбедност“, истакна Ен Тејлор, главен медицински директор на компанијата.
„Во однос на квалитетот исто така нема потврдени проблеми во однос на некоја серија наши вакцини што се користат низ Европа или остатокот од светот. Спроведени се дополнителни тестирања од наша страна и независно од европските здравствени власти, и ниеден од овие повторни тестови не покажаа причина за загриженост“, се нагласува во соопштението.
Истакнато е дека за време на производството на вакцината од страна на „АстраЗенека“, нејзините партнери и од над 20 независни лаборатории за тестирање спроведени се над 60 тестирања на квалитетот.
„Сите тестови треба да исполнуваат строги критериуми за контрола на квалитетот, и овие податоци се доставуваат до регулаторите на секоја земја или регион за независно разгледување пред да се достави одредена серија [на вакцини] во земјите“, се вели во соопштението.
Се наведува дека компанијата ќе продолжи со внимателно следење на прашањето, но истакна дека расположливите докази не потврдуваат дека вакцината е причинител.
„За да се надмине пандемијата важно е луѓето да се вакцинираат кога ќе бидат поканети да го сторат тоа“, се вели од компанијата.