Bahattin Gönültaş
10 Септември 2021•Ажурирај: 12 Септември 2021
БЕРЛИН (АА) - Германската биотехнолошка компанија „БајоНТех“ соопшти дека во наредните недели ќе поднесе барање до властите за добивање одобрение за употреба на вакцината против Ковид -19 кај деца на возраст од 5 до 11 години, пренесува Агенција Анадолија (АА).
За германското списание „Дер шпигел“ (Der Spiegel), основачите на „БајоНТех“, проф. д-р Угур Шахин и д-р Озлем Туреџи дадоа информации за студиите за вакцинирање на деца под 12-годишна возраст.
Наведувајќи дека во наредните недели пред властите низ светот ќе ги презентираат резултатите од нивната научна студија за деца на возраст од 5 до 11 години, Туреџи рече дека тие ќе побараат одобрување вакцина за оваа возрасна група, вклучувајќи ја и Европа.
Туреџи додаде дека „БајоНТех“ има научни резултати од истражувањето за возрасната група од 5 до 11 години, но дека тие треба да бидат достапни за институциите кои имаат овластување да дадат дозвола.
Озлем Туреџи, која е и главна медицинска директорка на „БајоНТех“, рече: „Ние веќе го подготвуваме производството. Вакцината ќе биде иста, но во помали дози.“
Угур Шахин, истакнувајќи дека научните студии за вакцини за споменатата возрасна група одат добро, рече: „Ситуацијата изгледа добро. Сѐ се одвива според планот.“
Основачите на „БајоНТех“, Шахин и Тареџи, го повикаа општеството да стори сѐ што може за да ги убеди луѓето кои сѐ уште не одлучиле, да се вакцинираат во наредните недели.
„Како општество, имаме уште 60 дена да избегнеме сурова зима. Мораме да се потрудиме да мобилизираме што е можно повеќе луѓе во овие два месеци“, нагласи Шахин.