Şenhan Bolelli
26 Април 2020•Ажурирај: 26 Април 2020
МАДРИД (АА) – Во Шпанија, во последните 24 часа од новиот вид коронавирус, Ковид-19, починаа 288 лица, со што вкупната бројка на починати во земјата се зголеми на 23.190, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство ги ажурира бројките за Ковид-19 во земјата.
Во Шпанија, каде што од 14 март е воведена вонредна состојба против Ковид-19, забележан е најнизок број на смртни случаи по 25 март кога бројот на починати изнесуваше 235.
Во Шпанија, во последните 24 часа од коронавирусот починаа 288 лица, додека бројот на починати за претходното деноноќие изнесуваше 378. Според Министерството, вкупната бројка на починати се зголеми на 23.190.
Бројот на евидентирани случаи во земјата е зголемен на 225.488, со пораст од 1.729 во однос на вчерашниот ден. Во последните 24 часа бројот на излекувани од Ковид-19 се зголеми за 3.024, со што вкупната бројка на излекувани од коронавирусот се искачи на 98.732.
Бројката на излекувани, веќе трет ден по ред е поголема од бројката на нови случаи. Тоа е најзначајна карактеристика на последното деноноќие.
- „Податоците покажуваат дека [коронавирусот] може да биде контролиран“ -
Фернандо Симон, кој се наоѓа на чело на Центарот за координација за итни здравствени услуги и предупредувања, како дел од шпанското Министерство за здравство, на прес-конференцијата истакна: „Податоците покажуваат дека [коронавирусот] може да биде контролиран. Во наредните месеци, откако ќе гарантираме дека ќе можеме да ги намалиме ризиците, ќе има нова нормализација. Ова утро до премиерот и до министерот за здравство испративме извештај во кој препорачуваме дека може да се започне со нормализација.“
- Од 2 мај, поединечно ќе може да се спортува надвор -
Од друга страна, премиерот Педро Санчез, кој оствари средби со шефовите на 17 автономни влади во Шпанија преку методот на видеоконференција, истакнувајќи дека процесот на нормализација ќе се спроведува од централната власт, рече: „Овој процес, кој мора да биде многу внимателен, ќе биде постепен и асиметричен.“