Bayram Altuğ
09 Ноември 2020•Ажурирај: 10 Ноември 2020
ЖЕНЕВА (АА) - Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, честитајќи му на Бајден за победата на изборите во Соединетите Американски Држави (САД) на 3 ноември, рече дека со нетрпение ја чека блиската соработка со новата администрација, пренесува Агенција Анадолија (АА).
73-тото Светско здравствено собрание, што е највисоко тело за донесување одлуки на СЗО, со 194 члена, продолжи со својата работа во седиштето на организацијата во Женева.
Во својот говор на Светското здравствено собрание, што започна преку видеоконференција, Гебрејесус рече дека од почетокот на епидемијата СЗО регистрирала 50 милиони случаи на Ковид-19, додека од вирусот починале 1,2 милиони луѓе.
- „Има потреба од итна вакцинација“ -
Гебрејесус подвлече дека СЗО е целосно фокусирана на координирање и поддршка на борбата против пандемијата на глобално, регионално и национално ниво.
Во овој контекст, Гебрејесус соопшти дека досега 186 земји учествувале во Програмата за глобален пристап до вакцини на СЗО (COVAX), во која САД и Русија сè уште не учествувале.
Подвлекувајќи дека има итна потреба од вакцина за да се контролира епидемијата, Гебрејесус посочи дека достапноста на вакцината нема целосно да ги отстрани постојните здравствени проблеми.
„Нема вакцина за сиромаштија, глад, климатски промени или нееднаквост“, рече Гебрејесус.
Истакнувајќи дека верува оти СЗО е на добар пат во борбата против епидемијата, Гебрејесус подвлече дека има уште многу работи што треба да се направат.
На крајот од својот говор, Гебрејесус им честиташе на Џо Бајден, кој беше избран за 46-ти претседател на САД, и на Камала Харис, првата жена избрана за заменик-претседател на земјата.
„Со нетрпение очекуваме да работиме многу блиску со новата администрација. Треба повторно да го замислиме лидерството изградено врз заемна доверба и меѓусебна одговорност за да се стави крај на пандемијата и да се решат основните нееднаквости, што се основа на многу проблеми во светот“, додаде Гебрејесус.
Да потсетиме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) го прекинуваат односот со Светската здравствена организација, порачувајќи дека СЗО не ги исполнила барањата на неговата земја за темелни реформи.