Ayhan Şimşek
22 Април 2020•Ажурирај: 22 Април 2020
БЕРЛИН
Германија го одобри првото клиничко испитување на вакцината против Ковид-19 врз луѓе, објавија официјалните претставници, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Програмата за вакцина на биотехнолошката компанија „Бионтек“ („BioNTech“) е овластена за човечки клинички испитувања по внимателната проценка на потенцијалните ризици и придобивки“, се вели во соопштението на Институтот „Паул Ерлих“, кој е германски регулаторен орган.
„Ова е четврто овластено клиничко испитување во светот во кое се тестира превентивен специфичен кандидат за вакцинирање против Ковид-19 кај луѓето“, се истакнува од Институтот и се додава:
„Со оглед на сериозните последици од пандемијата на Ковид-19, ова е значаен чекор кон развој на ефикасна и безбедна вакцина против Ковид-19, достапна во Германија, и да се овозможи нејзина достапност низ светот што е можно поскоро.“
„Задоволни сме што ги завршивме претклиничките студии во Германија и наскоро ќе го започнеме првото тестирање кај луѓето, дури пред нашето очекување, заедно со ангажманот на сите вклучени лица“, соопшти Угур Шахин, извршниот директор на компанијата „Бионтек“ („BioNTech“).
„Во овластениот прв дел од клиничкото испитување во Германија ќе бидат вакцинирани 200 здрави волонтери на возраст меѓу 18 и 55 години“, велат од Институтот „Паул Ерлих“.
Понатамошните испитувања, кои вклучуваат лица со инфекција од висок ризик, се планирани за вториот дел од клиничкото испитување.
Научниците и истражувачите низ светот се обидуваат да најдат вакцина за Ковид-19, кој инфицираше над 2,58 милиони луѓе низ светот и од чии последици починаа повеќе од 178.000.
До ваквото откритие, здравствените експерти ги лекуваат пациентите со лекови против маларија, вклучувајќи ги хидроксихлорокин и хлорокин, кои покажаа позитивни резултати.
Досега низ светот речиси 693.000 пациенти со Ковид-19 се излекувале од вирусот.