Sümeyye Dilara Dinçer
20 Мај 2021•Ажурирај: 21 Мај 2021
АНКАРА (АА) - Во Индија, една од најтешко погодените земји во светот од епидемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), бројката на смртни случаи во последните 24 часа падна под 4.000, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство на Индија соопшти дека во последните 24 часа починале 3.874 лица, со што вкупната бројка на починати поради коронавирусот достигна 287.122.
Во последните 24 часа во земјата се детектирани 276.110 лица позитивни на Ковид-19, вкупно 25.772.440 од почетокот на епидемијата во Индија досега.
Бројката на смртни случаи на дневна основа како последица на коронавирусот за првпат се искачи на над 4.000 на 8 мај, а вчера, со 4.529 починати, го забележа највисокото ниво од почетокот на епидемијата.
На 7 мај беше детектирана највисоката бројка на новозаразени на дневно ниво во Индија. Од тој датум досега постои тенденција на намалување на бројката на новозаразени. Случаите на лица позитивни на Ковид-19 на дневна основа паднаа под 300.000 во последните четири дена.
- Епидемијата во поголемите градови на Индија се намалува -
Додека бројката на новозаразени со Ковид-19 на дневна основа во Њу Делхи, главниот град на Индија, надмина 26.000 на 22 април, бројката на новозаразени во последните 24 часа изнесува 3.846.
Во Мумбај со население од околу 12,5 милиони на 4 април беа забележани повеќе од 11.000 случаи, а во последното деноноќие оваа бројка падна под 2.000.
Експертите предупредуваат дека точната бројка на заразени и смртни случаи предизвикани од Ковид-19 би можела да биде многу повисока.
- Кампања за вакцинација -
Според податоците објавени на интернет-страницата „Ourworldindata.org“, во Индија досега се дадени 185.191.602 дози вакцини, од започнувањето на кампањата за вакцинација на 16 јануари досега.
Додека вакцинацијата во Индија со население од околу 1,4 милијарди сè уште не го достигна посакуваното ниво за да може да се запре епидемијата во земјата, Индискиот институт за серум, најголемиот производител на вакцини во земјата, објави дека има потешкотии во снабдувањето со вакцини.