Elena Teslova
15 Март 2021•Ажурирај: 16 Март 2021
МОСКВА (АА) - Рускиот суверен фонд за благосостојба постигна договори за производство на вакцината „Спутник В“ против коронавирусот со компании во Германија, Франција, Италија и Шпанија, изјави шефот на рускиот Фонд за директни инвестиции (RDIF), Кирил Дмитриев, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Со цел да се засили производството на вакцината во Европа, во тек се разговори со повеќе производители“, изјави Дмитриев пред новинарите во Москва.
„Од самиот почеток на борбата против пандемијата, Фондот за директни инвестиции е посветен на активна соработка со сите партнери, вклучително и од Европа и е отворен за такви преговори. Фондот веќе има постигнато договори со компании од Италија, Шпанија, Франција и Германија за лансирање на производството на Спутник В. Во моментов, во тек се преговори со голем број други производители за зголемување на производството во ЕУ“, рече Дмитриев.
Тој додаде дека локалното производство на вакцината ќе ја олесни испораката на единствениот пазар доколку Европската агенција за лекови (ЕМА) ја одобри за широка употреба.
„Фондот за директни инвестиции и неговите партнери исто така ќе бидат подготвени да започнат испораки до оние земји на ЕУ кои самостојно ќе ја регистрираат „Спутник В““, рече тој.
Русија беше првата земја што ја регистрираше вакцината против коронавирусот за масовна употреба и исто така беше прва што започна масовно вакцинирање.
Вакцината „Спутник В“ се дава во две дози, во интервали од две или три недели, и може да биде комбинирана со други антигенти, вклучувајќи ги и оние против настинка.
Вакцината е чувствителна на температура и мора да се чува на многу ниски температури.