Riyaz Khaliq
16 Октомври 2020•Ажурирај: 16 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Кина направи 11 милиони тестирања за присуство на Ковид-19 во само пет дена во источниот крајбрежен град Чингдао, откако минатиот викенд беа забележани нови случаи на вирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Кластер од 13 заразени е откриен во Болницата за белодробни заболувања во Чингдао“, објавија локалните медиуми.
„Властите открија дека просторијата била користена за пациенти со Ковид-19 и за други пациенти без соодветна дезинфекција“, соопштија официјалните лица.
Иако болницата е одредена за лекување на пациенти од странство, две заразени лица за кои се утврдило дека се извор на новиот кластер, биле работници во пристаништето во Чингдао.
Здравствената установа е затворена од минатата недела.
Масовните тестирања во градот од над 11 милиони жители започнаа во понеделникот и се завршени до денеска (петок).
Властите поставија повеќе од 4.000 пунктови за собирање примероци, во кои беа ангажирани над 10.000 медицински работници.
Директорот на болницата, Денг Каи, е сменет, додека директорката на Градската општинска здравствена комисија, Суи Женхуа, е суспендирана.
Кластерот во Чингдао особено ја загрижи Кина, бидејќи земјата минатиот месец прогласи победа над коронавирусот.
Откако во декември минатата година беа регистрирани првите случаи во градот Вухан во покраината Хубеи, Кина пријави 85.646 потврдени случаи, вклучително и 4.634 смртни случаи и 80.759 излекувани.
Националната комисија за здравство денеска пријави уште 24 увезени случаи, со што вкупниот број на такви случаи се зголеми на 3.084.
Нов асимптоматски случај е пријавен и во градот Гуангжу во јужната покраина Гуангдонг. Властите ставија во карантин 68 лица.