Bilal Güler
17 Март 2020•Ажурирај: 17 Март 2020
ТЕХЕРАН (АА) - На лицата што нема да ги почитуваат мерките за борбата против ширењето на коронавирусот и на оние што ќе сокријат дека се болни им се закануваат затворски казни во траење до една година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Високиот официјален претставник на иранското правосудство, Риза Месудифер, за новинската агенција „Мехр“ изјави дека секое кршење на мерките за борба против ширењето на епидемијата на Ковид-19 во земјата ќе се смета за директна закана по здравјето на луѓето.
„Сите организатори на собирите, како изложби, и сопствениците на продавниците кои нема да ги почитуваат мерките исто така ќе бидат обвинети за закана по здравјето на луѓето и им се заканува едногодишна затворска казна“, изјави Месудифер.
Во Иран со коронавирусот се заразени 14.991 лице, а како последица на заразата починаа 853 лица. Во рамките на мерките за борба против ширењето на вирусот во Иран се затворени образовните институции, забранети се собирите, а во поголем број градови се поставени и полициски пунктови за контрола и ограничување на движењето на луѓето.