Narges Rezaie,Mustafa Melih Ahıshalı
24 Март 2020•Ажурирај: 25 Март 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - НАРГЕС РЕЗАИЕ -
Членот на Научниот комитет за борба против новиот вид коронавирус Ковид-19 во Иран, проф. д-р Месуд Мердани, предупредува дека доколку не се воведе забрана за патување со цел да се спречи понатамошно ширење на вирусот, ќе се случи катастрофа во земјата во која има скоро 2 илјади жртви.
Мердани, кој е предавач на Универзитетот „Шехид Бехешти“, за Агенција Анадолија (АА) го оцени развојот на настаните во врска со појавата на Ковид-19 во Иран и преземените мерки.
Наведувајќи дека стапката на ширење на коронавирусот во Иран сега е дури и повисока од Кина, Мердани рече: „Епидемијата ја сфативме откако се рашири низ земјата. Првите случаи во градот Ком всушност, се појавија пред неколку недели. Во тој период изолацијата не се спроведе и епидемијата што започна во Ком се рашири во другите градови.“
Тој посочи дека дневно од 100 до 150 луѓе умираат во земјата поради Ковид-19, и дека илјадници луѓе се заразуваат со оваа болест, нагласувајќи дека податоците што ги објавува Министерството за здравство се само случаи регистрирани во болниците, а реалните бројки се над овие.
„Ако во Иран не се спречат посети за [празникот] Невруз, катастрофата е пред вратата. Луѓето можат или да го рашират вирусот каде и да одат, или да го донесат вирусот кога ќе се враќаат. Ако забраната за патување не биде донесена веднаш, нашите здравствени центри нема да бидат доволни за пациентите“, нагласи Мердани.
Тој наведе дека дел од луѓето не ја сфаќаат епидемијата сериозно, и дека санкциите на САД против Иран исто така негативно влијаат врз борбата против коронавирусот.
„Лековите и медицинските материјали не се опфатени со санкциите. Но, ако немате пари или не можете да уплатите преку меѓународни банки за да купите производи, кој ќе ви испрати лекови и медицински материјали. Американските санкции предизвикуваат зголемени смртни случаи од коронавирусот“, рече Мердани.
Тој, исто така, упати благодарност до земјите коишто му испратиле хуманитарна помош на Иран, вклучувајќи ја и Турција.
„Земјите што му испратија хуманитарна помош на Иран се Турција, Катар, Кина и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Европската Унија (ЕУ) со која имаме трговски односи со години, не испрати сериозна помош“, нагласи Мердани.