Ekipa
19 Март 2020•Ажурирај: 20 Март 2020
РИМ (АА) - Во Италија денес се пријавени 427 смртни случаи од коронавирусот, што земјата ја ставија на врвот во светот, надминувајќи го кинескиот број на починати од 3.245. Според најновите официјални податоци, билансот на починати во Италија достигна 3.405 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Најновите податоци од италијанскиот Оддел за цивилна заштита покажуваат дека вкупниот број потврдени случаи во земјата исто така продолжува да расте за 16 отсто во однос на вчера, достигнувајќи 33.190.
Жариштето на коронавирусот во Италија и понатаму останува северниот регион Ломбардија, каде што починаа 2.168 лица.
Италијанската влада сега наоѓа начини за понатамошно засилување на мерките на ограничување, евентуално дури и да забрани каква било форма на активност на отворено, бидејќи голем број граѓани низ италијанските градови продолжуваат да излегуваат надвор џогирајќи, или шетајќи, со што го зголемуваат ризикот од зараза со вирусот.
Денес, италијанскиот премиер, Џузепе Конте, истакна дека веројатно е дека досега преземените мерки, кои на сила се до 3 април, ќе бидат пролонгирани.
„Невозможно е да се одреди датум за повторно отворање на училиштата, бидејќи тоа ќе зависи од еволуцијата на епидемијата“, додаде министерката за образование, Лусија Ацолина.
Гувернерот на Ломбардија, Атилио Фонтана, рече дека итно ќе побара од Владата да воведе построги мерки што е можно поскоро, бидејќи „евидентно е дека сегашните мерки не се доволни“.
Ковид-19 се појави во Вухан, Кина, минатиот декември, и се прошири на најмалку 160 земји и територии. Светската здравствена организација прогласи пандемија.
Според податоците од универзитетот „Џон Хопкинс“ во САД, во светот има над 229.000 потврдени случаи на вирусот, а бројот на починати сега надмина 9.300. Досега излекувани се над 84.500 пациенти.