Riyaz Ul Khaliq
11 Јануари 2021•Ажурирај: 12 Јануари 2021
АНКАРА (АА) - Од Кина денес најавија дека тимот странски експерти од Светската здравствена организација (СЗО) ќе дојде во посета на земјата за да го истражи потеклото на новиот тип коронавирус, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Тим од 10 меѓународни експерти ќе биде во посета на Вухан, каде што вирусот за прв пат беше забележан во декември 2019 година. Оттогаш се рашири низ светот и зарази повеќе од 90 милиони луѓе и одзеде повеќе од 1,9 милиони животи.
„Од кинеската Национална здравствена комисија велат дека експертите на СЗО ќе пристигнат во четврток и дека ќе соработуваат со кинеските експерти за да го истражат потеклото на Ковид-19“, објави кинескиот „Глобал тајмс“.
Минатата недела од Пекинг соопштија дека сè уште преговараат со СЗО во врска со нивната посета.
„Никогаш немало никаков проблем во соработката меѓу Кина и СЗО. Не е само прашањето за виза, двете страни се во блиска комуникација за конкретни датуми и подготовки за посетата на тимот на Кина“, соопшти портпаролката на Министерството за надворешни работи на Кина, Хуа Чунинг.
Оваа изјава следуваше по еден ден откако генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изрази незадоволство во врска со тоа што Кина не им дозволува на членовите на тимот за истрага да влезат во земјата.