Gamze Türkoğlu Oğuz
24 Април 2020•Ажурирај: 25 Април 2020
ПОРТ О ПРЕНС / МЕКСИКО
129 мигранти од Хаити, што се депортирани од САД, пристигнаа во Хаити, земја што има ограничени можности за борбата против новиот тип коронавирус (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Властите соопштија дека групата од 129 лица со автобуси се однесени во еден хотел во Порт о Пренс, каде што ќе престојуваат наредните 2 недели. Во истиот хотел во карантин се наоѓа и група од над 60 лица кои претходно биле депортирани.
Во групата што пристигна во почетокот на април три лица биле позитивни на Ковид-19, а во последната група што пристигна од американската сојузна држава Тексас нема лица позитивни на тестот.
Жан Него Бонер Делва, директорот на Бирото за мигранти на Хаити, изјави дека во новопристигнатата група има 50 деца на возраст од 5 до 15 години, не давајќи информации колку грижата за мигрантите ќе ја чини сиромашната карипска земја.
Од друга страна, организацијата „Family Action Network Movement“ со седиште во Мајами, која се грижи за правата на Хаити, упати повик до претседателот на Хаити, Жовенел Мојс, во земјата да не ги прима депортираните Хаиќани, а претседателот на САД, Доналд Трамп, да стави мораториум на депортацијата.
- ОН упатија повик до Мексико и земјите од Централна Америка уште еднаш да размислат за депортациите
Во меѓувреме, Високиот комесаријат на Обединетите нации за човекови права упати повик до Мексико и земјите од Централна Америка во време на пандемијата на Ковид-19 уште еднаш да размислат околу депортацијата на мигрантите.
Високиот комесаријат на Обединетите нации за човекови права ја истакна својата загриженост поради фактот дека илјадници мигранти останаа заглавени во неутралната зона откако земјите ги затворија границите или поради тоа што локалното население не ги прифаќа овие лица.
Комесаријатот соопшти дека по затворањето на границите на Костарика, 2.500 мигранти останале заглавени во Панама, додавајќи дека има и мигранти кои останале заглавени и на граничниот премин „Ел Салвадор“ во Хондурас.
Комесаријатот посочува дека поголемиот дел од мигрантите престојуваат во импровизирани кампови, на улици и засолништа во кои не се применети здравствените протоколи кои би ги заштитиле, барајќи во периодот на пандемијата на Ковид-19 во регионот уште еднаш да се размисли за привремено суспендирање на депортацијата на мигрантите.