Elena Teslova
12 Август 2020•Ажурирај: 13 Август 2020
МОСКВА
Првите серии на руската вакцина против Ковид-19 кои ќе излезат во производство за најмалку две недели, пред да бидат пуштени за општа употреба, ќе бидат наменети за имунизација на лекарите, изјави рускиот министер за здравство, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Производството на вакцината во Русија ќе биде домашно ориентирано, насочено кон покривање на внатрешните потреби“, рече Михаил Мурашко на прес-конференцијата во Москва, давајќи дополнителни детали за вакцината која се очекува.
Во меѓувреме, рускиот Фонд за директни инвестиции (RDIF) преговара за производство на вакцината во странство.
Запрашан за безбедноста, Александар Гинтсбург, раководител на Институтот за истражување за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“ - кој ја разви пионерската вакцина - рече дека вакцината се заснова на добро истражувана научна платформа која датира со децении.
„Платформата е во развој веќе 25 години со цел генетска терапија, но на крајот на 2014 година се користеше за создавање лекови за борба против вирусите кои брзо се менуваат“, рече тој.
„Истата платформа беше користена за развој на вакцини против ебола, МЕРС [Блискоисточен респираторен синдром] и голем број други болести. Оваа платформа овозможи создавање вакцина против ебола во прилично краток период од 15 месеци, што подоцна беше високо проценето од СЗО [Светска здравствена организација]“.
Гинтсбург додаде: „Технологијата не е единствена, таа се користи и во Велика Британија и Кина, но во нашиот случај, таа има свои предности.“
„Вакцината ќе се следи и има дигитален пасош, преку кој ќе се набљудуваат и ќе бидат испитувани сите потези и резултати од вакцинирањето“, појасни тој.
„Набљудувајќи ги сите приматели на вакцини во сите досегашни фази од испитувањето - луѓе и животни - никој се нема заразено“, изјави Мурашко.
- Вакцина за децата и за постарите лица
Гинтсбург изјави дека истата вакцина ќе се користи за децата и за постарите лица, но дека за дозата на вакцината и како да се примени таа е потребно дополнително истражување, кое ќе започне откако испитувањата на возрасните ќе бидат завршени.
Вакцината за децата ќе биде испитувана постепено во три групи - постари деца, средна група и најмали.
Иако е утврдено дека децата се помалку подложни на ризикот од вирусот, тие не се имуни, бидејќи во моментов 9 деца во Русија страдаат од тешка форма на вирусот.
Што се однесува до постарите, Гинтсбург кој има 68 години, рече дека тој самиот се вакцинирал пред пет месеци и дека се чувствува добро.
Вакцината се става со две инјектирања, прво од ампула одбележана со сино и по три недели, од ампула обележана со црвено. Разликата е во видовите на аденовирусот што се користи за стигнување на вакцината до клетките на телото.
Според упатството за употреба, може да се користи за лица на возраст 18 - 60 години и може да се комбинира со други антигени, вклучително и против грип.
За максимален ефект, агентите за имунизација треба да се инјектираат во интервал од две или три недели, што му дава време на имунолошкиот систем да се смири по активирањето, предизвикан од воведувањето на страни супстанции.
Примателите на вакцините ќе бидат набљудувани од лекарите, а се развива и мобилна апликација, така што пациентите ќе можат рутински да додаваат податоци за нивната состојба и брзо да ги информираат лекарите за можните компликации.