Jeyhun Aliyev
01 Мај 2020•Ажурирај: 02 Мај 2020
АНКАРА
Соединетите Американски Држави (САД) ѝ се заблагодарија на Турција за медицинската помош што и ја испрат со цел поддршка во борбата против пандемијата на Ковид-19, која веќе одзеде најмалку 63.000 животи, потврди доцна синоќа турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Имавме телефонски повик со американскиот секретар за здравство, Алекс Азар. Тој ни се заблагодари за помошта со испратениот медицински материјал во САД, според упатствата на претседателот Реџеп Таип Ердоган“, напиша Коџа на социјалната мрежа Твитер.
Тој појасни дека неговиот американски колега детално го информирал за методите на лекување кои Турција ги развила како дел од мерките преземени против пандемијата во земјата.
Турскиот воен авион со втор контингент на медицинска опрема во САД, полета вчера, а првиот дел од помошта кој вклучуваше маски, визири, маски Н95 и заштитна облека, беше испратен во вторникот.
Турција испрати медицинска помош во најмалку 57 земји, вклучувајќи ги и оние кои се најтешко погодени од вирусот како Велика Британија, Шпанија и Италија.
Ковид-19 се прошири во 185 земји и региони, откако за првпат беше забележан во кинескиот град Вухан минатата година. САД и Европа се најтешко погодени континенти.
Пандемијата во светот досега зеде над 233.000 животи, бројот на дијагностицирани случаи со вирусот надмина 3 милиони, додека повеќе од еден милион заболени оздравеа, покажуваат податоците на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во САД.