Furkan Abdula
04 Август 2021•Ажурирај: 05 Август 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека вчера биле аплицирани околу 13.000 вакцини против новиот вид коронавирус (Ковид-19) во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на ова министерство се вели дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација.
„На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 519.106 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 3.909 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 12.939 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 920.442 дози вакцини, а ревакцинирани се 401.336 граѓани“, се наведува во соопштението.
„Со последните бројки 64 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 62 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 57 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 45 отсто од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина“, се додава во соопштението.
Како што се нагласува во соопштението, граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктовите низ државата.
Се истакнува дека процесот на теренска вакцинација се одвива на територијата на цела држава, со ротации на медицинските екипи во секое село, рурално населено место, населба, додека сајтот „vakcinacija.mk“ е отворен за закажување термини за вакцинација на децата.
Министерството за здравство апелира до граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање, нагласувајќи дека тоа е единствен начин да се успее во борбата против коронавирусот.